1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Меркел победник на изборите во Германија

БГ
24 септември 2017

Меркел останува германски канцелар и во следните четири години. Нејзината партија ЦДУ убедливо победи на парламентарните избори. Историски тежок пораз доживеаја социјалдемократите. Деснорадикалната АФД - трета најсилна.

https://p.dw.com/p/2kc0S
Bundestagswahl 2017 | Stimmabgabe Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Според првичните неофицијални резултати, Ангела Меркел останува германски канцелар и во следните четири години. Првичните неофицијални резултати покажуваат дека Христијанско-демократската унија на Меркел на изборите освоила 32,5 проценти од гласовите, со што е убедливо најсилна партија и во новиот состав на Бундестагот - долниот дом на парламентот. Изборните резултати, сепак, не ги потврдија во целост предизборните прогнози кои ѝ даваа голема предност на канцеларката која веќе 12 години е на чело на владата. Прогнозите велеа дека партијата на Меркел ќе освои околу 40 отсто од гласовите, а актуелниот резултат е далеку понизок од предвидувањата.

Но, и покрај тоа, сега Меркел ќе има шанса да го надмине рекордот од 16 години на функцијата кој го држи нејзиниот претходник во партијата и политички ментор - Хелмут Кол.

Најголем губитник на изборите се социјалдемократите кои ги предводи Мартин Шулц. Партијата освои само 20 проценти од гласовите, иако пред шест месеци поддршка ѝ даваа околу 30 проценти од граѓаните. Тоа го доведува во прашање идното учество на СПД во владата, но уште поважно и лидерската позиција на Шулц во партијата. Имено, ова е најслаб резултат на едни избори на партијата од 1949 година наваму.

За големи победници можат да се сметаат деснорадикалната и популистичка Алтернатива за Германија (АфД) со освоени околу 13,5 отсто гласови, со што, оваа партија се профилира како трета најсилна во парламентот. Сепак, досега сите етаблирани партии во Германија се изјаснија дека нема да коалицираат со популистите.

Пријатно изненадија и Либералите со освоени 10,5 проценти од гласовите. Во 2013 година оваа партија за првпат не успеа да обезбеди пратенички места во парламентот, но сега се враќа на политичката цена со одличен резултат.

Уште две партии ќе бидат застапени во новиот состав на парламентот: тоа се Партијата на Зелените и Левицата со освоени по околу 9 проценти од гласовите.

Како се станува пратеник во Бундестагот?