1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангажманот на Хајндл е резултат на потфрлањето на ЕУ

Б. Георгиевски19 мај 2016

Противењето на унгарскиот премиер Орбан во ЕУ е причината што не се воведени санкции против авторитарниот режим во Скопје, пишува германскиот печат. Вклучување на Берлин - резултат на потфрлањето на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1IqQk
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во Македонија, Брисел и во западните амбасади во Скопје никој веќе не паѓа на „финтите“ на Груевски, пишува весникот Зидвест пресе во анализата за случувањата во Македонија под наслов „Со боја и свирчиња против режимот“.

„'Уставните грижи' ни досега не го спречуваа Груевски да лажира избори и да го злоупотребува судството, вели дипломат на важна земја која не е членка на ЕУ“.

(...) Меѓународните протести против амнестијата досега беа напразни. Груевски и самиот тврди дека е 'изненаден' од одлуката на шефот на државата. И тој самиот се залага да бидат истражени обвинувањата. Самиот претседател, пак, тврди дека тој нема законска можност да ја повлече амнестијата: тој останува на амнестијата, а игнорираниот Хан (Јоханес, н.з.) се повлече. Единствен медијатор сега е дипломатот Јоханес Хајндл, кој беше именуван како личен пратеник на шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер.

Сепак сите надежи на режимот во меѓувреме тонат. Трите храбри специјални обвинителки продолжуваат со својата работа. 'Поради амнестијата повеќе не смееме да ги истражуваме кривичните дела. Но смееме да го следиме текот на парите од криминалните дејствија', вели обвинителката Ленче Ристовска“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„(...) Крајот е сѐ уште отворен. За насилно запирање на протестите режимот веројатно веќе нема сила, смета Сашо Орданоски, искусен аналитичар на политичката сцена во Скопје. За исфрлање на напорната ЕУ од земјата, Груевски исто така нема храброст. Мотото сега е да се преживее. Тоа само по себе и не е толку безнадежно. Откако пред четири недели беше прогласена амнестијата, во Брисел се зборуваше за санкции. Но Унгарецот Виктор Орбан, заштитникот на сите авторитарни режими во Источна Европа, се спротивстави“, пишува Зидвест пресе.

Несреќен кризен менаџмент на ЕУ

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг оценува дека длабоката политичка криза во Македонија не ги уништила само легитимитетот на домашните политички елити и довербата во државните институции, туку и престижот на ЕУ со нејзиниот „несреќен кризен менаџмент“.

„Дека спроведување на Договорот (од Пржино, н.з.) ќе биде Херкуловска задача која бара силни медијатори на терен, се чини дека не беше сфатено во Брисел. Наместо тоа, работата му беше оставена на пензиониран парламентарец од редовите на Зелените од Белгија, кој со неуспех си замина во март.
Сега Берлин одлучи да испрати специјален пратеник во македонската криза. Се работи за Јоханес Хајндл, амбасадорот во Виена, кој минатата недела дојде на разговори во Скопје. Германија веќе неколку години се обидува на Балканот да ги пополни стапките на САД, и онаму, каде што ЕУ потфрла, да го наметне својот концепт за 'стабилизација на регионот'“.

Потребна е нова елита

„Кризата во Македонија доведе до мобилизација на граѓанските движења. Тоа е нов развој, затоа што досега под 'цивилно општество' се подразбираа оние финансирани однадвор. Невладини организации кои често одвоени од домашното општество водеа сопствен живот. Веќе со месеци се одржуваат протести и настани од кои се бара кривична постапка против Груевски и неговите соработници.


Скандалозната општа амнестија на претседателот Ѓорге Иванов доведе до дополнителна мобилизација. (...) Во главниот град демонстрантите ги напаѓаат кичестите фасади и споменици поставени од режимот на Груевски. Кичестата архитектура се бои со бапони со боја. Активистот Џабир Дерала се става во одбрана на оваа пракса. Тоа не се споменици, туку објекти кои државата ги постави со нашите украдени пари, вели тој. Притоа се избира што ќе се фарба: се внимава на спомениците на борците против османлиското владеење, додека смешната Триумфална порта се 'разубавува'.“

„(...) Критичарите сметаат дека движењето мора брзо да изроди 'нова елита' затоа што разјадениот од корупција 'Систем Груевски' е пред распад. Доколку тоа не се случи, по падот на Груевски власта ќе ја преземат социјалдемократите. Тоа ќе биде постепено, но не и темелно подобрување. И овие политичари функционираат врз основа на клиентелистичкото општество, кое вклучува корупција и заобиколување на законот“, пишува Ноје Цирхер Цајтунг.