1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангажманот на Бундесверот во Авганистан

20 ноември 2006

Коментаторите во германските весници во денешните изданија пишуваат за притисоците на меѓународната заедница врз Германија, за испраќање на војници на Бундесверот и во јужниот проблематичен дел на Авганистан. Пренесуваме дел од пишувањата

https://p.dw.com/p/Ae5H

“Весникот Ноје Вестфалише“ во денешниот број коментира:

“ Седум дена пред самитот на НАТО американците и британците бараат и германските сили да се стационираат на југот на Авганистан. Оваа тема се стилизира како текст со кој треба да се провери колку се германците солидарни. До сега германските војници на северот на земјата ја држеа состојбата со дипломатска умешност. Трупите на Бундесверот воено го контролираат и одржуваат мирот, но истовремено обрнуваат внимание и на цивилните проекти. Од тоа не смеат туку така да се откажат. Покрај тоа, германскиот парламент претходно јасно го дефинираше ангажманот на војниците на Бундесверот и тоа во договор со НАТО сојузот“ коментира “Ноје Вестфалише“

Коментаторот во “Тирингер Алгемајне“ забележува:

“ Германците би требало да бидат внимателни. До сега на југот на Авганистан војната ја водеа американците и тоа по свои правила. Сега, кога не напредуваат на помош треба да им дојдат војниците на Бундесверот. Американците играат на чудна карта на моралот, бидејќи се обидуваат да ги вовлечат германците во заедничко фијаско. Така кружеше приказна дека на југот на Авганистан загинале 12 канадски војници само затоа што германците не сакале да им помогнат. Високи дипломати од Вашингтон сега вршат притисок врз Берлин. Германците и онака од самиот почеток, по победата над талибанците, вниманието сакаа да го насочат кон обнова на Авганистан, а не на воен ангажман. Во тоа ги попречи војната во Ирак“ читаме во “Тирингер Алгемајне“

Во “Вестфаленпост“ на истата тема читаме:

“ На Германија ќе и биде многу тешко да ги одбие барањата на своите пријатели. Доколку сојузната влада сака да ја спречи крвавата мисија на југот на Авганистан, тогаш тоа треба многу добро да го компензира. Прашање е меѓутоа дали тоа и ќе и појде од рака. Бидејќи отпорот кој во моментов им го пружа на партнерите е преслаб. Со тоа сојузната влада ги ризикува животите на голем број германски војници во Хиндукуш“ забележува “Вестфаленпост“

Коментаторот во “Фајненшл Тајмс Дојчланд“ е со поинакво мислење, па пишува:

“ Авганистан му бега од контрола на западот. Германската влада заради своите внатрешно политички причини може сеуште да му пружа отпор на НАТО. Втора можност е да ја прифати реалната состојба, драматичната ситуација во Авганистан, и да застане на чело на движењето. Таа мора да ги убеди своите партнери дека се потребни не само повеќе сили туку и повеќе пари и ангажман за да се спречи дебаклот во Хиндукуш. Прв чекор во таа насока би бил испраќање на војници на Бундесверот на југот на Авганистан“ закључува во коментарот весникот “Фајненшл Тајмс Дојчланд“