Американските автомобилски концерни бараат државна помош
6 декември 2008Од дебатата во Вашингтон меѓу конгресмените и претставниците на трите големи автомобилски концерни произлезе, дека тие може да сметаат на итен кредит во висина од 15 милијарди долари. Оваа финансиска помош е двојно помала од сумата од 34 милијарди долари, што ја побараа шефовите на Џенерал Моторос, Крајслер и Форд. Се очекува уште во текот на викендов да се усогласат законските предлози и наредната недела да бидат усвоени.
Конгресот ќе врши контрола врз финансиските средства
Претседателката на претставничкиот дом од редовите на Демократите, Ненси Пелози појасни дека станува збор за краткорочна и ограничена помош за периодот кога треба да се преструктуира автомобилската индустрија. Конгресот ќе се заложи за спроведување строга контрола, како гаранција дека парите на даночните обврзници се заштитени и дека средствата ќе се употребат за да се обезбеди долгорочна конкурентност на оваа индустрија, појасни Пелози. Наредната недела и Сенатот треба да ги разгледува законите за автоиндустријата.
Демократите го сменија ставот поради високата невработеност во САД
Преговорите за пакетот за санација почнаа откако Демократите го повлекоа своето барање, на автомобилската индустрија да и се помогне со средствата издвоени за санација на банкарскиот систем. Наместо ова, како што бараше претседателот Џорџ Буш, парите ќе се обезбедат од фонд, којшто всушност треба да ги поттикнува инвестициите за производство на автомобили на еколошки погон.
Неопходноста од државната помош за автомобилската индустрија во САД, стана очигледна, по објавувањето најновите бројки на невработени во земјата. Стапката на навработеност во САД е највисока во последните 15 години, а ова го дополнува и укинувањето на половина милион работни места, изминатиот месец, со што помошта стана неизбежна, подвлече претставникот на Демократите во Сенатот, Хери Рид. Без поддршка за автомобилските концерни се заканува опасноста милиони Американци да останат без своите работни места.
Претседателот Буш стравува дека, најмалку еден од сегашните три големи концерни нема да може да ја преживее економската криза. Според проценките на аналитичарите, доколку би пропаднал еден атвомобилски концерн, тоа би значело губање на 2,5 милиони работни места.