1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американската каматна стапка ја загрижува економијата

Жанг Данхонг / К. Краљевска28 август 2015

Претставници на светските централни банки одржуваат годишен состанок во Џексон Хол, САД. Листата на теми е долга, но цел свет го интересира само едно: дали САД ќе ја зголеми референтната каматна стапка во септември?

https://p.dw.com/p/1GNEN
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Одговорот на ова прашање најверојатно нема да го добиеме во Џексон Хол, живописно место во сојузната американска држава Вајоминг. Бидејќи, единствената жена која може да ни’ даде информација за тоа, оваа година нема да присуствува на состанокот. Можеби затоа што на Џенет Јелен, претседателка на американскиот централен Систем на федерални резерви, едноставно и’ здодеа постојаното соочување со едно исто прашање: Ќе дојде ли до промена на каматните стапки во септември или дури кон крајот на годината?

Но, таа не е целосно невина, што се однесува до појавата на оваа ситуација. Неизвесноста трае со месеци. Еднаш кажуваат: времето е зрело, друг пат: закрепнувањето на американската економија се’ уште не е доволно стабилно. Но, сега конјуктурата се забревта, најголемата светска економија се движи кон целосна вработеност. Така Мартин Хифнер, главен економист во финансиската фирма „Асенагон“, поаѓа од тоа дека американската централна банка во септември ќе ја промени каматната стапка: „Како прво, бидејќи добро го подготви пазарот, а како второ, бидејќи е нужно повторно да се воспостават разумни услови на пазарот на капитал.“

„Кршлива петорка“

Од почетокот на глобалната финансиска криза кон крајот на 2008 година референтната каматна стапка, стапка по која самите банки позајмуваат пари, во САД изнесуваше рекордни нула до 0,25 отсто. Бидејќи каматната стапка беше пониска од инфлацијата, штедачите се жалеа дека тоа е прикриен грабеж на нивните заштеди. Но, финансиските пазари толку се навикнаа на евтини пари, што најавениот пораст на каматите предизвикува панични реакции.

Слична работа веќе се случи пред две години. Тогаш беше доволно навестување од претседателот на Фед, Бен Бернанке, дека ќе престане да купува обврзници за да се потресат валутите и да се вознемират финансиските пазари на поединечни земји. Најтешко погодени се Бразил, Јужноафриканска Република, Турција, Индонезија и Индија. Оттогаш нив ги нарекуваат „кршлива петорка“.

Martin Hüfner Chefökonom von Assenagon
Мартин Хифнер: Најмногу ме загрижува БразилФотографија: Assenagon

И Кина создава проблеми

„Најмногу ме загрижува Бразил“, вели Мартин Хифнер за Дојче Веле. Во таа земја се намалува производството, слабее потрошувачката, инфлацијата се приближува до двоцифрен износ. И Русија е во загрижувачка состојба. Рубљата ја губи вредноста поради падот на цената на нафтата. Турската лира е под притосок поради политичката несигурност во земјата. А и Мексико наскоро би можел да стане ново кризно жариште. Значи, се проширува кругот на нестабилни земји кои до неодамна бележеа стопански полет.

И како тоа да не е доволно, во последно време и Кина создава проблеми. Економијата во таа земја расте побавно отколку што се очекуваше, извозот се намалува, курсот на акциите вртоглаво паѓа. Владата се обидува да делува против тоа - но, со мал успех. Кинеска централна банка интервенираше и ја намали вредноста на националната валута, што на светските берзи предизвика вистински шокови.

Додуша, проблемите во Кина и Бразил немаат никаква врска со американската референтна каматна стапка, вели Мартин Хифнер, но истовремено опоменува дека промена на каматите би ги забрзала негативните трендови и би ја влошила состојбата.

„Светот нема контрамерка на кризата“

Европа овојпат не е загрозена, напротив, еврозоната досега профитираше од силниот долар. Но, ако се засилат турбуленциите во наведените земји, тогаш ни Европа нема да остане поштедена од последиците.

Глобална криза е последно нешто што сега му е требно на светот. Бидејќи, денешниот свет нема никаква алатка со која ќе се спротивстави на кризата. „За разлика од 2008 година, овојпат немаме финансиско-политички контрамерки“, вели Мартин Хифнер. Зашто, каматите и онака се веќе близу нулата. Овојпат државите не можат да спроведат големи конјуктурни пакети, бидејќи денес многу од нив се презадолжени.

Со оглед на тоа сценарио, можеби американската централна банка сепак ќе размисли за тоа дали навистина сака во септември, за првпат по 2008 година, да почне да ги затега финансиско-политичките узди. А во Џексон Хол најважните светски банкари можат да расправаат за тоа, како да се ослободат од сеништето кое се појави поради лабавата финансиска политика.