Амбасадорите на ЕУ не се договорија за Македонија
8 декември 2012Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на вечерашната средба, пред состанокот на Советот за општи работи, каде министрите за надворешни работи и за европски прашања на земјите-членки ќе ги дефинираат заклучоците, кои Европскиот совет на Самитот ќе треба само да ги потврди, траеше повеќе од седум часа и повторно заглави околу точката за Република Македонија. Според информации на агенцијата МИА, амбасадорите не можеле да дојдат до консензус и според портпаролот на Кипарското претседателство со ЕУ, Никос Христодулидис, дали Македонија ќе почне да преговара за членство во Унијата ќе се дознае во вторник. „Нема договор во врска со Поранешната Југословенска Република Македонија“, изјави Христодулидис.
Во предлог-верзијата, во која имаше увид дописникот на МИА од европската престолнина, се препорачува следното: Европскиот совет во голема мера ја дели проценката на Европската комисија дека политичките критериуми продолжуваат доволно да се исполнуваат и обрнува внимание на препораката да се отворат преговорите за пристапување со Поранешната Југословенска Република Македонија. Со оглед на можното отворање на пристапните преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија во јуни 2013 година, Советот ќе го испита напредокот во спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), врз основа на извештајот што би бил претставен од страна на Комисијата во првата половина на 2013 година. Комисијата се поканува да поднесе навремен предлог за рамка за преговори со Поранешната Југословенска Република Македонија во согласност со заклучокот на Европскиот совет од декември 2006 година и воспоставената практика, која исто така ги зема предвид добрососедските односи, се предвидува во нацрт-верзијата.
Во врска со односите со соседите, нацрт-верзијата предвидува дека одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи ја и потребата за изнаоѓање компромисно и заемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на Обединетите нации, останува од суштинско значење. - Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок без одлагање. Советот го поздравува импулсот, кој е генериран од последните контакти/размена меѓу двете страни, по грчкиот предлог-меморандум за разбирање. Советот, згора на тоа е охрабрен и од последните контакти со посредникот на ОН, се наведува во ова нацрт-решение.
Притоа, во можниот заклучок од овој предлог се наведува најчесто споменувата варијанта за Македонија досега, а тоа е почеток на т.н. скрининг-процес со отворање на поглавјата 23 и 24. - Водејќи сметка за нов пристап кон пристапните преговори што се однесува на поглавјата за судството и основните права и правдата, слободата и безбедноста, Комисијата исто така се поканува да спроведе процес на аналитички преглед на законодавството на ЕУ за овие поглавја, гласи предлогот.
Оваа нацрт-верзија на можен заклучок, што не мина ниту вчера (07.12), а чија судбина е неизвесна и за состанокот во вторник на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, се вели дека Советот го поздравува напредокот постигнат во голем број клучни политички области, вклучително и во однос на законската рамка за избори, во областа на слободата на изразување и јавната администрација во нашата земја.