1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбасадорите во обид да ги приближат партиските ставови

Катерина Блажевска29 јуни 2015

Со цел да се поместат партиските позиците од мртва точка, во текот на денов се одржале интензивни тет-а-тет средби на амбасадорите на САД и ЕУ „со некои од лидерите“

https://p.dw.com/p/1Fpgt
Фотографија: picture-alliance/dpa

По 17 часот се очекува во Клубот на пратениците конечно да започне долго најавуваната средба на лидерите на четирите најголеми партии, од која се очекува да произлезе финален договор за излез од политичката криза или барем посуштинско приближување кон таа цел. Упатените во преговорите велат дека „немаат високи очекувања“ од денешната средба, со оглед на жестоката меѓупартиска реторика во изминатите денови, но и поради непопустливите ставови на партиите.

СДСМ и натаму инсистира на транзициска Влада без Груевски како премиер најмалку 6 месеци пред изборите, кои се условно договорени за април 2016 година. Груевски постојано потенцира дека не планира да се повлече од функцијата, а единственото што ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да го прифати, се таканаречени министерски контролори од страна на опозицијата во четири владини ресори.

Johannes Hahn in Skopje
Ако има напредок на денешната средба, ќе следи покана за во БриселФотографија: MIA

Како што дознава Дојче веле, со цел да се поместат позиците од мртва точка пред четворицата лидери попладнето да седнат на заедничка маса, исто како и во деновите од викендот, така и во текот на денов се одржале интензивни тет-а-тет средби на амбасадорите на САД и ЕУ „со некои од лидерите“. Неофицијално, најголемиот притисок е врз лидерот на СДСМ, со цел да отстапи од одредени барања во однос на организацијата и составот на транзициската влада.

Поради неизвесниот исход од денешната средба, од присуство на неа се откажа еврокомесарот Јоханес Хан. Но, ако четворката денеска сепак се доближи до финално решение, според дипломатски извори, лидерите ќе бидат поканети на средба во Брисел утре или во среда. Вицепермиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими навести дека крајниот рок за постигнување договор не е крајот на јуни, туку средината на следниот месец, најдоцна до 20 јули.