1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Александар Македонски не може да го пресече овој јазол!

Катерина Блажевска17 април 2016

Сигурно е дека Александар Македонски нема да слезе од кичестот споменик во Скопје и да го пресече јазолот, коментираат бугарски медиуми, анализирајќи ја растечката кризата во Македонијa.

https://p.dw.com/p/1IXDh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политичката и правна криза во Македонија, која според меѓународни оценки се заканува и врз безбедноста во регионот, со внимание ја следат медиумите во соседните земји. Бугарски медиуми деновиве објавија серија анализи за почетокот, причините и кулминацијата на кризата.

„Очигледно, во Македонија се акумулирал голем напон“, вели во анализата Тихомир Безлов за весникот „24 часа“. Тој потсетува дека сѐ почнало минатата година по објавувањето на телефонските снимки, но ги наведува и другите проблеми што ја притискаат земјата.

„Власта и партнерите од партијата на албанското малцинство очигледно ги контролираат финансиските ресури на земјата. Индикативна е и ситуацијата со слободата на медиумите. Таму практично Владата ги субвенционира и од тоа зависи дали еден медиум ќе постои. (...) За тоа колку е тешка економската ситуација зборува фактот дека македонската Влада се фали како ја намалила невработеноста до 27%. А веројатно реалната невработеност е многу поголема“, се вели во анализата. Авторот посочува дека западните дипломати се обиделе да ѝ помогнат во земјата да го развие 'романскиот модел', односно дека новата независна обвинителката по угледот на романската колешка Лаура Ковеши, започнала истрага против високи политичари и бизнисмени, што довело до одлуката за нивна аболиција од страна на претседателот, а како реакција на тоа - и до протести.

„Сложен јазол од проблеми во една сиромашна земја. Но, сигурно е дека Александар Македонски нема да слезе од кичестот споменик во Скопје и да го пресече јазолот“, заклучува тој во анализата за „24 часа“.

Скопје забрането за новинари“

Истовремено „24 часа“ во текст под наслов „Скопје забрането за новинари“ детално информира за патешествието на тројца бугарски новинари (од „24 часа“, „168 часа“ и „Бугарија денес“) на граничниот премин Делчево во четвртокот. По проверката на нивните лични документи, за кои немало сомнеж дека се валидни, новинарите биле замолени да го поместат автомбилот заради проверка. Кога при проверката полицајците виделе фотоапарат и лаптоп, ги прашале за целта на посетата во Македонија. Тројцата одговориле дека се новинари. Едниот полицаец им рекол дека им „треба дозвола од амбасадата“, а по консултации со негови колеги, друг полицаец им објаснил дека им треба дозвола од македонското Министерството за надворешни работи. Подоцна трет им побарал документ од Секретаријатот за информации во Владата, а четвриот само им дофрлил дека згрешиле што рекле дека се новинари, а не туристи. По повеќе од 2 часа чекање, новинарите беа повикани да потпишат решение за одбивање на влез на странец во Македонија. Одлуката била на 4 страници.

„Наредени се 10-тина услови кои не се исполнети, а меѓу нив со големи букви пишува дека 'постојат основи за сомнение за работа на територијата на РМ спротивно на инструкциите за работни односи'“, објави весникот. Новинарите имале право на жалба во рок од 8 дена до Владата, односно до Комисијата за решавање на прашањата од областа на одбрана, внатрешни работи и правда. Но, никаде не било наведено за колкав период важи одлуката.

„Не е јасно зошто новинарите не беа пуштени да влезат како и секој друг Бугарин со услов дека не можат да известуваат од македонска територија“, прашува весникот, потсетувајќи дека лошо искуство имала нивна новинарка и во 1998 година, кога добила „црн печат“ во пасошот.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Македонија не може да ја скрие вистината, оценува „24 часа“Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Македонците - надвор од молот“

Како реакција на одлуката на македонските власти, за која се вели дека е „апсолутно без никаква основа“, весникот објави и редакциски коментар под наслов „Македонците - надвор од молот“.

„Јасно е зошто (не им е дозволен влез, н.з) - бидејќи не сакаат претставници на слободниот печат во Бугарија објективно да информираат за многуилјадните протести во Скопје против власта. Се разбира, на тој начин Македонија не може да ја скрие вистината. Но, може уште еднаш на светот да му покаже дека големите приказни за демократија, за желба за членство во ЕУ, како и за слобода на говорот, се валидни на хартија, но не и во реалноста. Затоа Бугарија треба да возврати со реципрочни мерки - да воведе визен режим за Македонците, кои секоја сабота и недела ги преполнуваат моловите во Софија“, се вели во редакцискиот коментар.

Се претпоставува дека проблемите со новинарите сепак биле надминати, бидејќи весникот денес детално ја опишува атмосферата во Скопје по протестите од претходната ноќ.

„Под споменикот на основачот на ВМРО, д-р Христо Татарчев, некој за време на протестите со големи црни букви напишал 'Грабеж'. Работници со крпи, четки, скали и хемиски препарати ги бришат сините и црвените дамки од боја на Триумфалната порта во центарот на Скопје. Додека тие ги бришат дамките, од десната страна, под споменикот на Павел Шатев, мала група пензионери протестира против локалната Топлификација, бидејќи ѝ должат пари иако не користат парно“.