1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стана нефункционална држава

Свето Тоевски16 април 2015

Снимените материјали покажаа дека сите поважни столбови на демократијата се руинирани, велат од вонпарламентарните албански опозициски партии во Македонија. Клучно барање е техничка влада

https://p.dw.com/p/1F9CY
Фотографија: Amalia Oganjanyan

Новорегистрираната опозициона вонпарламентарна партија „Беса“ го истакнува за ДВ својот став дека „сниманите материјали кои се објавуваат деновиве покажуваат оти Македонија стана нефункционална држава“. Африм Гаши еден од нејзините основачи вели: „Ако сте меѓународно изолирани и имате проблеми со речиси сите соседни држави, ако државата ги поттикнува меѓуетничките конфликти, ако имате голема невработеност и висок степен на сиромаштија, без економски раст, кога Собранието ви е контролирано од владата, а полицијата, судовите и јавното обвинителство се под целосна контрола на ’Началникот’, тогаш вие не можете веќе да зборувате за држава во целосното значење на зборот. Снимените материјали покажаа дека сите поважни столбови на демократијата се руинирани, опфаќајќи ги и Владата, Собранието, судовите, јавното обвинителство, полицијата, јавната безбедност, медиумите.“

Политичкиот епилог, според струшкиот градоначалник Зијадин Села и лидер на „Движењето за реформи во ДПА треба да биде техничка влада, додека потоа, „институциите во земјата треба да се подложат на процес на детална декриминализација“. Тој е категоричен : „Ако Зоран Заев не ги објави сите снимки со кои располага, тогаш ќе покаже дека нема политички морал, оти само сака со непродуктивни уцени да ја урне Владата и Никола Груевски и ништо повеќе. Овие снимани материјали покажаа нешто многу важно: дека судскиот систем во земјата е тероризиран. Потребна е техничка влада како единствено решение за излез од сегашнава политичка криза, а потоа да се распишат и нови парламентарни избори. Потребно е и да се основа Специјален суд, заради правно разрешување на оваа ситуација“

Третата опозициона партија во албанскиот политички блок „Албанската национална преродба“ од крајот на годинашниов февруари повеќе не се огласува со свои ставови околу јавното презентирање на сниманите телефонски разговори, но, нејзиниот претседател Вејсел Мемеди кратко напоменува: „Нашето последно партиско соопштение во врска со сето тоа беше објавено на 26.2.2015 година и во него кажавме дека во иднина нема повеќе да се огласуваме со јавен став околу оваа работа“. Но, „Албанската национална преродба“, исто така, веќе го има соопштено и својот поконкретен став во врска со јавните објавувања на прислушувањата на телефонските разговори: „Оваа власт има прислушувано на целосно незаконски начин повеќе од 20 илјади граѓани, што претставува невидено неразумие. Треба да се основа Специјален суд под постојан надзор од страна на компетентни правни претставници на Европската унија, а откако ќе се истражат сите случаи на злоупотреба на власта и да се казнат кривично сите наредбодавци и извршители на овој тежок масакр врз демократијата и правата и слободите на граѓаните.“

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Африм ГашиФотографија: Katerina Blazevska

ДПА молчи

Дојче веле побара и од Демократската партија на Албанците изјава околу сегашнава политичка ситуација и прислушувањата на телефонските разговори, но, таа не одговори на поставените прашања. Ги прашавме опозиционите партии во албанскиот табор: дали е можно да се изнајдат поблиски допирни точки меѓу нив и некои од партиите во македонскиот блок, било со СДСМ, било со ВМРО ДПМНЕ, или која било друга, заради надминување на кризата и под кои услови?

Зијадин Села одговара: „Ние сме отворени за соработка подеднакво со сите партии, кои ќе бидат подготвени да ја прифатат нашата политичка платформа, а таа предвидува промена на политичкиот систем и воведување целосна консензуална демократија, со цел да се постигне, исто така, целосна рамноправност меѓу Албанците и Македонците. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ знаат дека клучот за излезот од кризата се наоѓа кај Албанците. СДСМ поодделно е свесна дека нема сила самата да ја урне Владата на Груевски и оти единствениот начин да го постигне тоа е да го принуди Груевски да прифати формирање техничка Влада. ДУИ и ДПА треба да ја напуштат сегашнава Влада, а не да настојуваат да останат во неа, или да бидат блиски со неа. Потребно и албанскиот политички фактор да биде дел од преговорите меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во Брисел.“

Партијата „Беса“ во врска со истото прашање нагласува: „Соработката треба да биде начелна со сите субјекти во државата. Тука секако и сметаме и на македонските политички субјекти. Нам неминовно ни треба дијалог и соработка, за да можеме да дојдеме до нов консензуален договор за функционална и просперитетна држава, во која секој граѓанин ќе се чувствува свој на своето. Нашите услови за соработка се начелни: мораме да изнајдеме нов начин на функционирање на државата, низ дебата, дијалог и договор и тој нов систем да биде функционален, а кој, сепак, мора да се заснова на реалната и фактичка состојба во државата. Како решение за излез од оваа криза ние подготвивме платформа која ја нарековме 'Платформа на иднината – Редефинирање'. Неминовно е да се формира преодна/експертска влада, која ќе има точно определени должности и која ќе креира амбиент за одржување на фер и демократски избори. Потоа, идната власт ќе мора да отвори процедура за редефинирање на севкупниот правно-политички систем на државата, за да ги отстраниме на тој начин сите аномалии, кои доведоа до ваквата состојба на државата и да изградиме нов систем што ќе се базира на начелата на слобода, правда и рамноправност при што ќе профункционира една држава, која ќе продуцира стабилност и развој и ќе овозможи благосостојба за сите граѓани.“

Од „Албанската национална преродба“ нема одговор со која партија од македонскиот блок би можела да изнајде заеднички точки во дејствувањата, но, таа порача дека најпрвин треба, „да замине во истопријата овој диктаторски режим, кој го растури целосно судскиот систем, а натаму треба да се спречат сите нови можни тенденции за концентрирање на државната власт во рацете на политичките олигарси“.

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft
Мирјана МалескаФотографија: DW

Разоткривање на сите злоупотреби

Што сметаат експертите? Осман Кадриу, професор по уставно – правен и политички систем од ФОН универзитетот во Скопје истакнува: „Албанците во земјата очекуваат со прислушувањата и потоа со политичкото и правното разрешување на кризата да се разоткријат и сите случаи на злоупотреби на власта и од функционерите – Албанци било во законодавната, извршната, или во судската власт“. Мирјана Малевска, професорка во Школата за докторски студии по политички науки на Државниот универзитет во Скопје, се надоврзува: „И граѓаните – Албанци и албанските опозициони партии очекуваат да бидат објавени сите компромитирачки материјали и за функционерите – Албанци. Во очите на тие граѓани и партии ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски водат етноцентрична политика, насочена само кон потребите на македонскиот дел на вкупната популација во земјата. Овие граѓани и партии очекуваат актуелната владејачка коалиција, која е докрај корумпирана и искомпромитирана, да ја напушти власта, но, забележувам и дека ДУИ нема намера да ја напушти Владата. ДУИ порачува дека сака да биде дел од решението на проблемите и се гледа како учесник и во новата политичка конфигурација на моќта.“

Во опозициониот дел на албанскиот политички блок се во тек настојувања за поблиска меѓусебна соработка, а во таа насока Зијадин Села веќе најави почеток на разговори со „Албанската национална преродба“. Поправо, тој има улога да ја обедини сета политичка опозиција на Албанците во земјата, како еден вид „заеднички фронт“ против ДУИ и ДПА. „Беса“ се уште не се произнесува како ќе се позиционира во овој поглед.