1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Активист од Кобане: „Ни треба оружје, а не борци!“

Јулија Хан/ Жана Ацеска 27 октомври 2014

Курдите во Кобане уште и‘ се спротиставуваат на терористичката милиција ИД, но без натамошна помош, градот ќе падне, предупредува Зара Мисто, курдски медиски активист во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Dcaq
Фотографија: picture alliance/abaca/Murat Kula

Дојче веле: Господине Мисто, за настаните во Кобане ние добиваме различни информации, што можете Вие да ни кажете?

Зара Мисто: Исламска држава напредува и е се‘ посилна. Не‘ напаѓаат од три страни: од југ, запад и исток. Тие добиваат засилување од нивните упоришта во Сирија, на пример од Ал-Рака. Постојано доаѓаат нови борци на ИД и донесуваат и тенкови и тешко оружје.

Како можат да им се спротистават курдските борци?

Тие се полошо вооружени отколку ИД, ние овде во Кобане сме многу зависни од воздушните напади на Американците. САД и нивните сојузници треба попрецизно да ги бомбардираат патиштата по кои стигнува засилување за ИД. Ако наскоро не добиеме поголема поддршка, тогаш Кобане ќе падне во рацете на исламистите.

Засилување ќе стигне - 150 пашмерга-борци од Ирак и 1300 борци од Слободната сириска армија наскоро ќе бидат во Кобане, како што се тврди. Што очекувате од нив?

Се радуваме на засилувањето со пашмерга-борците и се надеваме дека за брзо ќе бидат овде. Ја прифативме и помошта од Слободната сириска армија. Но, курдските борци кои го бранат градот повеќепати повторуваат - во прв ред им е потребно повеќе оружје, првенствено тешко оружје. Борци ние всушност имаме доволно.

ИД го опколи Кобане и се обидува да ја пресече врската кон Турција. Како воопшто ја издржувате оваа долготрајна опсада?

Во и околу Кобане се‘уште живеат многу луѓе, иако веќе десетици илјади избегаа. Курдските борци не можат едноставно да се откажат, тие мора да го бранат нашиот народ. Пред нападот на ИД, ние во градот создадовме залихи од прехранбени производи за повеќе месеци. Се надеваме дека ќе можеме да издржиме уште некое време. Но, имаме проблеми со медицинско згрижување. Повредените можат да добијат само привремен и условен третман, овде веќе речиси немаме ни лекари.

Што ако Кобане падне во рацете на исламистите?

Курдските бранители се обидуваат да го спречат тоа со сите сили, но ние уште сега бараме создавање безбеден коридор, преку кој во краен случај би можеле да отидеме во Турција. Едно е сигурно: ако победат милициите на ИД, ќе ги убијат сите овде, без милост. Кобане е мирен, слободарски град. Исламска држава не‘ обвинува дека сме неверници, дека не сме вистински муслимани. Тие сакаат нашите жени да останат дома и да се забулуваат, сакаат да им забранат да студираат или да возат автомобил. Дали тоа треба да биде нашата иднина?

Зара Мисто од почетокот на борбите во Кобане известува за една курдска интернет страница од Кобане. Дојче веле со него разговараше телефонски.