1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АИ: Слепа одмазда против сунитите во Ирак

Петер Хиле/ Жана Ацеска15 октомври 2014

Сунитските екстремисти од Исламска држава наново ги разгореа верските конфликти во Ирак. Сега шиитските милиции се во слеп одмазднички поход, предупредува Ровера Донатела од Амнести Интернешенл.

https://p.dw.com/p/1DVmM
Фотографија: REUTERS

Дојче веле: Госпоѓо Ровера, бевте во Ирак и таму документиравте нов бран насилство на шиитските милиции кон сунитите. Дали овие милиции се раководени од одмазда кон екстремистите од Исламска држава?

Ровера Донатела: Да, овие шиитски милиции постојат веќе со години и порано ги напаѓаа главно американските војници. Сега тие своето оружје го вперуваат против сунитите. Притоа, во Исламска држава не припаѓаат само сунити и злодела не вршат само тие. Но, шиитските милиции убиваат со ред сунити. Сведоци сме на верски мотивирано насилство како на свадбените свечености пред граѓанската војна меѓу сунитите и шиитите во 2006 и 2007 година.

ДВ: Значи, подемот на Исламска држава фактички ги засили шиитските милиции?

Ровера Донатела: Точно, тие се на првата линија на фронтот против Исламска држава, зашто џихадистите ја доведоа ирачката армија на работ на распад. Но, шиитските милиции се во првите редови и во слепиот одмазднички поход кој е исклучиво верски мотивиран. Тука не станува збор за борба против џихадистите.

ДВ: Вие документиравте и случаи во кои биле киднапирани сунитски припадници заради изнудување откуп, не се работи само за религија, туку и за пари?

Ровера Донатела: Милициите дејствуваат и како криминални банди. Во некои случаи тие грабнуваат сунити со јасна намера да ги убијат. Но, претходно ги принудуваат семејствата на своите заложници да платат откупи до 100.000 долари. Семејствата ги плаќаат парите, надевајќи се на ослободување на своите блиски, иако заложниците ги убиваат. Во други случаи единствен мотив е алчноста и се киднапираат и луѓе кои не се сунити. Но, сунитите се најчести жртви на овие милиции.

ДВ: Разговаравте со многу семејства кои загубиле свој близок. Не беше ли тоа опасно?

Ровера Донатела: Тешко беше да се најдат семејствата и да се убедат да разговараат со мене. Јас им ветив анонимност. Многумина од нив ги имаат напуштено своите куќи и живеат во скривалишта, тие се целосно исплашени.

Donatella Rovera, Senior adviser bei Amnesty International
Донатела РовераФотографија: Amnesty International

ДВ: А што е со Вашата лична безбедност?

Ровера Донатела: Се разбира, моравме да водиме сметка и за тоа. Но, засега шиитските милиции се концентрираат на сунитите како жртви, а не на киднапирање новинари или странски хуманитарци. А јас семејствата ги среќавав тајно.

ДВ: Во кои региони се разгорува насилството?

Ровера Донатела: Шиитските милиции се присутни во сите региони контролирани од владата. Многу нивни борци се од градовите како Кербала или Наџаф, во кои не живеат сунити. А тие оперираат претежно во градовите во кои заеднички живеат сунити и шиити, значи во главниот град Багдад, во богатиот со нафта Киркук, во Самара и Тикрит. А посебно во близина на фронтот со Исламска држава.

ДВ: Што презема владата во Багдад за да го спречи насилството на шиитските милиции во областите кои таа ги контролира?

Ровера Донатела: Таа не прави воопшто ништо против моќта на милициите. Напротив, прави се‘ за да ги засили. Посебно владата на Али ал-Малики постапуваше на ваков начин, таа беше шиитски доминирана. Сега во Багдад постои нова влада, но таа уште не е целосна. А премиерот Хајдер ал-Абади најави дека ќе посредува во верските конфликти. Ќе видиме дали го мисли она што го зборува и дали е воопшто во состојба тоа да го спроведе.

ДВ: Но, досега ирачката влада, според Ваше мислење, учествуваше во воените злосторства?

Ровера Донатела: Апсолутно. Се вршат масовни киднапирања и стрелања со знаење и во соработка со владините трупи.

ДВ: Како да се запре ова насилство на шиитските милиции, без истовремено да се зајакне Исламска држава?

Ровера Донатела: Исламска држава можеше толку да се засили само поради тоа што многумина сунити се чувствуваа истиснати на маргините од шиитската влада во Багдад. Единствено решение е ирачка армија во која нема да доминираат одделни верски групи, туку која ќе ги штити сите граѓани.

Донатела Ровера за Амнести Интернешенел ги документира прекршувањата на човековите права во војни и конфликти.