1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австралија испраќа војници во коалицијата против ИД

Александар Методијев/дв/миа14 септември 2014

Австралија ќе испрати 600 војници во Обединетите Арапски Емирати како поддршка на операцијата против „Исламската држава“. Таа операција е предводена од САД. Австралија ќе испрати и 10 авиони во регионот.

https://p.dw.com/p/1DC3L
Фотографија: Reuters/Australian Defence Force

Австралискиот премиер Тони Абот ја објави одлуката за испраќање на 400 лица од воената авијација и 200 членови на специјалните сили, што всушност е барање од страна на САД. Дополнително, Австралија во Обединетите Арапски Емирати ќе испрати и осум борбени авиони Ф/А18, авион Е-7А за рано предупредување и контрола, како и транспортен авион КЦ-30А. Австралискиот премиер прецизираше дека австралискиот воен контингент ќе се упати кон ОАЕ во следните неколку дена.

Абот додаде дека австралиските трупи ќе придонесат кон хуманитарните напори во регионот и рече дека се’ уште не е донесена одлука за тоа дали австралиските воени сили ќе бидат ангажирани и во битки, како дел од коалицијата против „Исламската држава“ предводена од САД, на чие составување работи американскиот државен секретар Џон Кери. Но, Абот не ја ни исклучи таквата можност.

„Треба да го предупредам австралискиот народ дека доколку би требало да се прошири оваа подготовка и испрањето во борбени операции, тогаш тие би можеле да потраат одредено време“, изјави австралискиот премиер.

Tony Abbott Premierminister Australien
Тони АботФотографија: picture-alliance/dpa

САД веќе четири недели спроведуваат воздушни напади против борците од „Исламската држава“, како поддршка за курдските борци во северен Ирак. Претседателот Барак Обама веќе објави планови за поагресивна кампања против исламистичките екстремисти, кои освоија големи територии во Ирак и Сирија.

Државниот секретар Кери веќе доби поддршка од 10 арапски земји за напорите на САД, а подготвеност за поддршка изрази и Франција, која би испратила воен авион. Германија ја исклучи можноста да земе учество во воздушните напади, но сепак минатиот месец официјален Берлин одлучи да испрати оружје и друга опрема за ирачките Курди. Германија пред два дена ги забрани сите активности поврзани со „Исламската држава“, бидејќи екстремистите од оваа организација претставуваат закана за Германија и остатокот од Европа.