1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан: меѓусебни судири и жртви, но и повици за востание против трупите на САД и сојузниците

12 април 2004

Светот концентриран врз настаните во Ирак, но и во Авганистан се компликува ситуацијата токму според “ирачки модел”. Гулбудин Хекматјар, некогашен премиер и еден од таканаречените “господари на војната”, денеска ги повика сонародниците на востание против САД и нивните сојузници. Генерал Достум “се одметна” – нов удар за претседателот Карзаи.

https://p.dw.com/p/AdFT
Во Авганистан се ангажирани и германски војници
Во Авганистан се ангажирани и германски војнициФотографија: AP

Како и во Ирак, и во Авганистан сега дојде време за востание против "окупаторите", се вели во соопштението на Хекматјар, што го пренесува авганистанската агенција АИП со седиште во Пакистан и во кое му се изразува поддршка на радикалниот водач на шиитите во Ирак Моктада ел Садр.

Во северните делови на Авганистан, на околу 300 километри од главниот град Кабул, се шират безредијата. На викендот имаше повеќемина загинати во борбите на приврзениците на локалните моќници, Узбекот Рашид Достум и поранешниот премиер Бурханудин Рабани. Централната влада упати во провинцијата Фарџаб 750 војници и 300 полицајци за повторно воспоставување ред.

Трупите на генерал Достум, инаку и советник во кабинетот на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој се стреми да ја добие функцијата министер за одбрана или шеф на армијата, минатиот четврток ја презема контролата врз провинцијата Фарџаб. Владините единици не можеа да му дадат отпор на посилниот противник - нивниот командант и гувернерот на провинцијата побегнале. Претседателот Карзаи, по вонредната седница, соопшти дека владата е решена да го брани авторитетот на централната власт.

Рашид Достум е водач на етничката група Узбеци и на нивната милиција, еден од најбескрупулозните и најмоќни локални “господари на војната” во Авганистан. Центар на неговата моќ е градот Масар-и-Шариф. Достум имаше значително учество во сите борби во последните две децении, па и во разурнувањето на главниот град Кабул на почетокот на 90-тите години. Тој навистина помогна и во протерувањето на талибанците и за тоа првобитно беше награден со функцијата заменик-министер за одбрана. Но, неговата лојалност не траеше долго. Тој постојано ги торпедира настојувањата на претседателот Карзаи за јакнење на централната власт. Постојано е вмешан и во крвавите борби со конкурентите за превласт на северот на Авганистан. ОН и британската армија досега помагаа за надминување на трајниот спор меѓу него и водачот на Таџиците, генерал Ата Мохамед.

Сегашната акција на Достум е на штета на авганистанскиот претседател Карзаи и од него поставеното армиско и политичко раководство на провинцијата. Тоа е втор горчлив пораз на Карзаи за само две недели, откако претходно владините војници доживеаја неуспех во акцијата против милицијата на Исмаил Кан во градот Херат.

Борбите ја дестабилизираат земјата и го загрозуваат регистрирањето на избирачите за општите – парламентарни и претседателски избори, предвидени за септември годинава. Меѓународните дипломати и ОН во Кабул со недели и месеци предупредуваат дека изборите ќе успеат само ако бидат брзо разоружани и обезвластени господарите на војната во провинциите.