Имаат ли граѓаните избор на изборите?
16 ноември 2016„Ќе имаме што да бираме“. „Ништо нема да се смени“. „Дваесет и две години само се менуваат те едните те другите, ние скапуваме“. „За никој нема да гласам“.
Вакви се коментарите кои граѓаните ги даваат за објавените изборни листи на партиите и најавените кандидати на престојните предвремени избори кои ќе се одржат на 11-ти декември.
Од оптимизам за промени, па до разочараност и песимизам дека било што ќе се промени на подобро. Граѓаните имаат измешани чувства, бидејќи како што велат, чекаат подобри времиња повеќе од дваесет години и тие никако да дојдат.
Некои од партиите на изборните листи понудија и нови свежи лица, додека пак некаде се појавуваат добро познати, но и компромитирани кадри.
Во првата изборна единица, ќе се соочат Стево Пендаровски од СДСМ и Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ, а друштво ќе им прават Павле Трајанов (ДС), Ден Дончев (ВМРО за Македонија), Димитар Апасиев (Левица), Ивон Величковски (ЛП), Артан Груби од ДУИ, Идриз Орана од ДПА и Зеќирија Ибрахими од БЕСА.
Во втората изборна единица, главната битка ќе се води меѓу Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ и Оливер Спасовски од СДСМ, додека во третата ќе се соочат Илија Димовски од владејачката партија и Љупчо Николовски од СДСМ.
Најмногу тензија предизвикува борбата во четвртата изборна единица каде ќе се бира меѓу Никола Груевски и Зоран Заев, а таму ќе се тркаат и Слободан Богоевски и Љубчо Георгиевски.
Во петтата изборна единица ќе се соочат Антонио Милошоски и Радмила Шекеринска, како и Љубе Бошкоски од Коалиција „ВМРО за Македонија“, Здравко Савески од Левица и други кандидати од помалите партии.
Во шестката граѓаните ќе бираат меѓу Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, Петре Шилегов од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ, Мендух Тачи од ДПА, Бранко Мајсторовски од ЛП и Билал Касами од БЕСА и НДП.