НАТО се обидува со двојна стратегија
8 јули 2016Полска, земјата домаќин на НАТО-самитот и балтичките држави кои граничат директно со Русија или нејзиниот сојузник Белорусија, вршат голем притисок за поголемо присуство на трупи на Алијансата на нивна територија како одговор на чувствуваната закана од Русија. Алијансата во Варшава ќе им излезе делумно во пресрет на овие желби. Сојузниците од источното крило треба да добијат безбедносни гаранции, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во пресрет на самитот. Во сериозен случај, останатите членки на воениот сојуз ќе им помогнат на источните членки. Тоа е пораката на самитот, вели високорангиран дипломат на НАТО: „Во Варшава ќе бидат договорени насоки, тоа не е рутинска средба.“ Германската канцеларка Ангела Меркел, ден пред самитот, вината за влошувањето на ситуацијата ѝ ја префрли на Русија. Источните НАТО-членки се длабоко загрижени поради руското однесување кон Украина, изјави канцеларката во Бундестагот.
„Станува збор за психолошка мерка за смирување на Полска и Балтикот. Воено, со оглед на вооружувачките потези на Русија во ексклавата Калининград и во Белорусија, тоа не е доволно“, истакнува Џуди Демпси, експертка за НАТО во фондацијата Карнеги.
4.000 дополнителни војници
Шефовите на држави или влади треба конечно да дадат зелено светло за стационирање на по 1000 дополнителни војници во Естонија, Летонија, Литванија и Полска. Освен тоа, ќе биде засилена и мултинационалната бригада во Романија. По последната средба во Њупорт, НАТО веќе инсталираше шест депоа со опрема во источните земји-членки, наменети за снабдување на Трупата за брзи интервенции. Оваа единица која брои до 40.000 луѓе, би требало во случај Русија да подготвува напад, во рок од неколку недели да биде преместена од западните во источните земји на НАТО. Проширен е и надзорот на воздушниот простор на источната граница, а ќе биде зголемено и поморското присуство во Балтичкото и во Црното Море. Во источните земји ќе бидат одржувани почести и поголеми воени маневри.
Планерите на НАТО инсистираат против перманентно стационирање на дополнителните баталјони, тие треба да ротираат на неколку месеци, односно да бидат заменувани од други делови на трупите. „И натаму ќе се придржуваме кон Договорот меѓу НАТО и Русија“, ветува генералниот секретар Столтенберг. Овој договор од 1997 година предвидува Алијансата да не стационира перманентно „поголеми борбени трупи“ на територијата на поранешните советски вазални држави. Во Москва на ова се гледа поинаку, амбасадорот на Русија во НАТО го критикуваше вооружувањето. Како реакција, руското Министерство за одбрана најави преместување на три дополнителни бригади во западните или јужните подрачја, што би значело до 30.000 војници.
Дијалог со Русија
И покрај зајакнувањето на трупите, НАТО сака натамошни разговори со Русија. „Остануваме отворени за дијалог“, најави Столтенберг. Кратко по самитот на НАТО во Варшава, во седиштето на Алијансата во Брисел треба да има нова средба на Советот НАТО-Русија на ниво на амбасадори. Ова тело ја прекина работата по руската анексија на Крим и руската интервенција во конфликтот во Источна Украина. Во знак на добра волја, американскиот претседател Барак Обама телефонирал со рускиот претседател Владимир Путин кратко пред самитот во Варшава. Двајцата договориле тесна соработка во борбата против терористичката милиција Исламска држава во Сирија, што ги покажува заедничките интереси на НАТО и Москва.
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер го критикуваше ѕвечкањето на НАТО со оружје во однос на Русија, и запоставувањето на дијалог со неа. Овие стравувања НАТО се обидува да ги отстрани преку стратегијата „Одвраќање и преговори“, која треба да ја следат сите 28 членки. Германската канцеларка во Бундестагот истакна: „Трајна безбедност во Европа е можна само со Русија, а не против неа.“ Постапките на НАТО не се антируски, туку имаат дефанзивен карактер, потенцира Меркел.
„Русите не се импресионирани“
За НАТО-експертката Џуди Демпси е јасно - Русија воено ни најмалку не е импресионирана од четирите баталјони.
„Стационирањето НАТО-баталјони на Русите им дава добар повод за критики. Тие сакаат да предизвикаат расцеп во НАТО, гледаат дека социјалдемократите во берлинската коалиција имаат проблеми со постапките на НАТО“, вели Демпси, осврнувајќи се на изјавите на Штајнмајер.