Во Турција се во пораст присилните бракови со малолетнички
3 мај 2014Се случило пред повеќе години - и звучи неверојатно. Муневер Олмез била дете-невеста - присилно омажена на 14-годишна возраст, како замена за нејзината сестра. Таа наводно не била девица, па младоженецот му ја вратил на семејството. Затоа, тој ја побарал малата Муневер.
„Во првата ноќ во спалната соба постојано мислев на тоа - што ако и мене ми се случи истото како на сестра ми? Не можев да се мрднам... Ми велеа - ќе се навикнеш на тоа. Но, како да се навикнам кога и да е на она што ми се случи“, се прашува поранешната дете-невеста Муневер Олмез.
Ван, родниот град на Олмез, е на турско-ирачката граница. Тоа е еден од најсиромашните региони во Турција. Речиси секоја втора жена овде се мажи пред 18-годишна возраст. Секоја трета од нив сопругот го гледа за прв пат на „свадбата“.
Ако не е можна регистрација пред матичар поради возраста на невестата, тогаш често се наоѓаат свештени лица кои ќе дадат одобрение за бракот со малолетничка. За тоа теориски можат да се добијат шест месеци затвор. Врховниот свештеник во Ван - муфтијата, негира дека венчава деца. Сепак, тој смета дека не треба толку да се гледа на возраста на некое девојче.
„Во постудените региони на Земјата децата не се развиваат толку брзо како во потоплите региони. Во случај на дилема се придржуваме кон стручно мислење од лекар дека девојчето е зрело за мажење“, објаснува Ниметула Арвас, муфтија во Ван.
Најголемиот дел од посетителките на овој Дневен центар за мајки и деца во Ван и самите биле омажени на детска возраст. Тие тука добиваат помош од социјални работници и лекари за одгледување на своите деца. На тие што помагаат пред се’ им е важна иднината на девојчињата.
„Предвреме омажените жени се незрели и исплашени. По свадбата мислат дека нивниот живот е целосно во рацете на нивниот сопруг. Тие не се осмелуваат да направат ни чекор без него. Но, со малку просветување и образование, ја откриваат индивидуата во себе. Тие сфаќаат: и јас сум човек кој има права. Потоа се подготвени и своите девојчиња да ги заштитат од мажите“, вели Ѓул Киран од Организација за помош на жени во Ван.
И на Муневер Олмез и’ требало долго време пред да може да се ослободи од несамостојноста. Таа дополнително завршила училиште и сама ги одгледува трите деца.
Нејзиниот сопруг е жив и работи на западот од земјата. Тој испраќа пари, но тоа одвај да е доволно за учебници на децата. Денес таа се ангажира во една организација против принудни бракови. Тоа и’ дава смелост отворено да дискутира за таа тема.
„Ја има онаа телевизиска серија ’Малата невеста’. Таму има девојче кое е омажено на иста возраст и на ист начин како и јас. И таа е разменета меѓу две фамилии. Таму јас секојпат одново се препознавам себеси“, вели поранешната дете-невеста Муневер Олмез.
Серијата „Малата невеста“ се емитува на турска приватна телевизија секоја недела во најгледан термин. 13-годишно девојче по име Зехра е оттргнато од детството и омажено со постар маж.
Организациите на жените се потпираат врз објективно просветување, а не врз телевизиски серии. Ван е една од станиците на патувачката изложба против присилните бракови со малолетнички. На отворањето беа дојдени многу одделенија со наставничките. Девојчињата знаат за што станува збор тука.
„Ако девојче на моја возраст биде видено заедно со момче, може да се случи тоа да биде отпишано од училиште и веднаш омажено. Но, моето семејство не е такво. Тоа сака јас да го завршам училиштето“, објаснува една ученичка, која ја посети изложбата.
И Муневер Олмез дојде на отворањето на изложбата. Нејзиниот брак беше кошмар. Во овој строго религиозен регион е исклучена можноста за втор брак, дури и ако е од љубов, оти таму важи дека детето-невеста останува цел живот невеста.