1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без државни привилегии за вакцинираните во Германија

ЖА / агенции
4 февруари 2021

Германскиот етички совет смета дека олеснувањата на рестрикциите треба да важат за сите, а не само за вакцинираните против коронавирус.

https://p.dw.com/p/3osv6
Deutschland Berlin | Coronavirus, Impfzentrum
Фотографија: Kay Nietfeld/AFP/Getty Images

Германскиот Совет за етика како аргумент за своето мислење го изнесува фактот што уште не се знае со сигурност дали вакцинираните и натаму можат да заразуваат други лица околу себе. Претседателката Алена Биукс, при претставувањето на мислењето на Етичкиот совет во Берлин, истовремено побара при натамошно снижување на бројот на инфицирани, да бидат укинати мерките за сузбивање на пандемијата кои содржат значителни ограничувања на основните права и слободи.

Специјалниот третман на вакцинираните би се сметал за неправеден, дотолку повеќе што ни оддалеку сите лица кои сакаат не се во можност да примат вакцина. Исто така, ни најновата студија на АстраЗенека не потврдува дека сите вакцинирани не ја пренесуваат болеста, истакна и портпаролката на Германскиот етички совет за пандемија, Зигрид Грауман. А тоа во догледно време нема да се промени. „Извесно време мора да продолжиме да живееме со ограничувања на контактите, а воведувањето посебни правила за вакцинираните не води кон целта“, истакна Грауман.

Меѓутоа, заменикот претседател на Германскиот совет за етика, Фолкер Лип, укажа дека приватните фирми можат да донесуваат правила кои отстапуваат од оваа препорака. Тој ги наведе авионските компании или рестораните, кои можат вакцината да ја наведат како услов за корисниците. Но, решавачки е дека претходно мора да следува генерално отворање за овие бранши, а тоа не смее да се поврзува со привилегии за вакцинираните. Лип потенцира дека не може да постои обврска за вакцинирање на вработените.

Повеќе на темата:

Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

Привилегии за вакцинираните: Прашање на солидарност

Дебатата за принудна вакцинација нема допир со реалноста

Поволностите за вакцинираните претходно ги отфрли и канцеларката.

На темата укинување на локдаунот, Ангела Меркел денеска изјави дека прво би биле отворени детските градинки и училиштата. Но, треба да се избегне ситуација училиштата да започнат со работа, а потоа поради растечки број на инфицирани повторно да мора да бидат затворени, истакна Меркел во дијалог со родители на учениците. На 10 февруари Меркел ќе се состане со покраинските премиери на советување околу продолжување на карантинот во земјата. „Се наоѓаме на последниот дел од пандемијата, но следните недели ќе бидат тешки“, изјави денеска Меркел во дијалогот со граѓаните, останувајќи на ставот да не се врши преурането укинување на анти-Ковид мерките.

Порастот на бројот вакцинирани, како и постепеното намалување на бројот на новозаразени во Германија повторно ја разгореа дебатата дали за имунизираните граѓани треба да важат помали ограничувања отколку за невакцинираните и дали не е време за разлабавување на локдаунот.