1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД најавија нови санкции против „руската воена машинерија“

ЖА /АФП
23 февруари 2024

Кратко пред двегодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина, САД најавија санкции против повеќе од 500 помагачи на „руската воена машинерија“.

https://p.dw.com/p/4cmZz
Војна во Украина - руски војници
Војна во Украина - руски војнициФотографија: Alexey Pavlishak/REUTERS

Министерствата за финансии и за надворешни работи на САД денеска ќе ги соопштат деталите околу  новиот пакет санкции против Русија, соопшти портпаролка на Министерството за финансии во Вашингтон во четвртокот вечерта за новинската агенција АФП. Според неа, станува збор за најголемиот пакет американски санкции од почетокот на војната во Украина.

Уште во понеделникот американскиот претседател Џо Бајден, реагирајќи на смртта на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални во затвор во Сибир, најави за петок натамошни значајни санкции против Русија.

Русија: Западни фирми ја финансираат војната против Украина

Американската влада во четвртокот објави дека ќе започне и правни постапки против руските олигарси во САД. Целта, според министерот за правда Мерик Гарланд, е „запирање на илегалните парични текови кои ја подгреваат војната на Путин и повикување на одговорност на оние кои натамошно ја овозможуваат“. Според Гарланд, во Њујорк, Вашингтон, како и во американските сојузни држави Флорида и Џорџија се поведени судски постапки против руски претпријатија. Планирано е  конфискување на имотот  на актерите од значење за Кремљ и за руската војска.

Од руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година САД, ЕУ и други земји воведоа  бројни санкции заради заслабнување на руската воена индустрија и редуцирање на приходите на Москва од продажба на нафта и гас. Меѓу другото, воведен е плафон за цената на руската нафта.