1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Нов земјотрес во Турција, на пат се спасувачки тимови од ЕУ

ЖА / агенции
6 февруари 2023

По првиот силен земјотрес, Турција доживеа нов потрес – размерите на катастрофата на турско-сириската граница е тешко да се измерат, бројот на жртви расте, стигнува помош од странство

https://p.dw.com/p/4N8xR
Земјотрес во Турција, Дијарбакир
Земјотрес во Турција, ДијарбакирФотографија: IHA/AP Photo/picture alliance

Во катастрофалните земјотреси на турско-сириската граница загинаа најмалку 1500 луѓе, а илјадници се повредени.Земјотрес со сила од 7,7 степени ја потресе југоисточна Турција во раните утрински часови, а денеска напладне следуваше уште еден, со јачина од 7,5 степени. Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска претпладне регистрирани се најмалку 912 жртви, повеќе од 5300 луѓе доживеале повреди.

Во Сирија исто така се качува бројот на мртви во земјотресот – на 590 според последните информации и 1600 повредени, како што соопштија заменикот министер за здравство Ахмед Џамиријех и хуманитарната организација САМС, активна во областа контролирана од бунтовниците во земјата.

Епицентарот на првиот потрес, како што соопшти Службата за справување со катастрофи во Турција, се наоѓа во провинцијата Караманмарас, во близина на границата со Сирија. Регистрирани се серија последователни потреси, а дождот, врнежите од снег и студот ги отежнуваат спасувачките операции.

Меѓу урнатите објекти во Турција, покрај станбени згради, е и болница во градот Искендерун, а во градот Газиантеп е силно оштетен и еден дворец, дел од Културното наследство на УНЕСКО.

Властите во Турција упатија повик до граѓаните да телефонираат преку интернет, за настраданите под урнатините да имаат предност во упатувањето повици за помош преку мобилната телефонија. Температурите во погодените  области се наоѓаат под нулата, а на места врне обилно снег. Хуманитарните организации во погодените региони повикуваат, покрај дарување крв, и на донации во форма на ќебиња, греалки, зимска облека, пакети со прехранбени продукти и детска храна.

Германскиот канцелар Олаф Шолц најави испраќање германска помош во настраданите региони.

Центарот за помош при катастрофи на ЕУ го координира испраќањето на европски спасувачки тимови во Турција. Првите екипи од Холандија и Романија веќе се на пат, како што соопшти надлежниот еврокомесар Јанез Ленарчиќ.

Во Сирија според наводите на државната новинска агенција Сана исто така дошло до пад на бројни згради во повеќе градови. Спасувачките екипи се обидуваат да ги извлечат настраданите од под урнатините. Раководителот на Националниот земјотресен центар денешниот земјотрес го смета за најсилен во Сирија по 1995 година. Сирискиот претседател Башар ал-Асад свикал итна седница на кабинетот заради усвојување мерки за итна помош.