1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Менталното здравје на климави нозе

ДТЗ
10 октомври 2023

Според истражувањата, кај 29,2 отсто од младите во Северна Македонија се регистрирани клинички симптоми на депресија, а кај 23,7 отсто - анксиозност. Загрижувачки податоци на Клиниката за психијатрија.

https://p.dw.com/p/4XLIK
депресија
Кај 29,2 отсто од младите се регистрирани клинички симптоми на депресија, а кај 23,7 отсто - анксиозност Фотографија: picture alliance/chromorange/Media for Medical

Една третина од адолесцентите се анксиозни, а старите луѓе се почесто се чувствуваат осамени и депресивни. Проблемите со менталното здравје во Северна Македонија земаат замав, а ситуацијата е особено алармантна по ковид-пандемијата. Последните анализи на Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје открија загрижувачки податоци. 

„Кај дури една третина од адолесцентите се јавува анксиозност и депресивност која што е непрепознаена, како и кај една третина од жените во текот на бременоста. Адолецентите и трудниците се поранливи и во дадени животни периоди можно е да им е потребна поголема психијатриска и социјална помош“, велат психијатрите. 

Особено ранлива категорија се и повозрасните лица, коишто имаат потреба од помош, но често се заборавени, не само од семејството, туку и од околината. „Често се оставени сами на себе, а не се во можност да се грижат за себе“, посочуваат психијатрите. 

Регионалната канцеларија на СЗО за Европа укажува на широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња. Сликата во Северна Македонија не е далеку од овие состојби. Расте бројот на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.

Меѓународната студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст од 11, 13, и 15 години (ХБСЦ) укажува дека чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во земјата, а од психосоматски тегоби истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години. 

Стигматизацијата е уште е еден од најголемите проблеми коишто го отежнуваат патот за изнаоѓање излез од безизлезноста во која што се наоѓаат голем број граѓани. Колку побрзо побараат помош и семејството им излезе во пресрет за да се изборат со проблемите - толку се поголеми шансите да се извојува битката против оваа подмолна болест. 

депресија
Стигматизацијата е еден од најголемите проблеми коишто го отежнуваат патот за изнаоѓање излез од безизлезностаФотографија: Fotolia/lichtmeister

Депресија и анксиозност

Тинејџерите и адолесцентите се особено ранлива категорија. Според податоците од најновите истражувања во Северна Македонија кај 29,2 отсто од младите се регистрирани клинички симптоми на депресија додека кај 23,7 отсто се присутни клинички симптоми на анксиозност во периодот по пандемијата со Ковид-19. Девојчињата се позасегнати од анксиозност и депресивни симптоми во споредба со момчињата.

Исто така, менталното здравје кај жените за време на бременоста и по породувањето е столб на оптималниот развој и здравје на децата. Податоците од најновите истражувања во Северна Македонија покажуваат дека една третина од мајките страдаат од симптоми на депресија, додека кај 28 отсто од нив се регистрира анксиозност во периодот по Ковид-пандемијата. 

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Северна Македонија. Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваатза чувства на осаменост, во Северна Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности.

Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за Северна Македонија, вели дека овие бројки не се само бројки. „Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Северна Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка“, вели таа. 

Лина Костарова - Унковска
Меѓународната студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст од 11, 13, и 15 години (ХБСЦ) укажува дека чести нерасположенија речиси секојдневно пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во земјатаФотографија: privat

Има ли решение за проблемот? 

Психијатрите посочуваат дека депресијата станува едно од главните растројства коишто го „инвалидизираат“ човекот, не само кај нас, туку и во светот. Тоа се растројства коишто го оневозможуваат човекот нормално да функционира, да се грижи за себе и за своите потреби. Особено проблемот е видлив кај ранливите категории, децата, адолесцентите, жените и повозрасната категорија на граѓани. 

Секоја индивидуа, независно од разликите, заслужува да ужива ментално-здравствени услуги по највисоки стандарди. Овие права ги опфаќаат заштитеноста од ризици, достапноста на високо квалитетна здравствена нега, како и слободата за лична независност во рамки на општеството. Ова е една од пораките која што беше испратена на Светскиот ден на менталното здравје, кој годинава се одбележува под мотото „Нашето психичко здравје – Наше право!“.

дом за старци стари лица нега
Особено ранлица категорија се и повозрасните лица, коишто имаат потреба од помош, но често се заборавени, не само од семејството, туку и од околинатаФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Северна Македонија го одбележи овој ден во Градскиот парк во Скопје, придружувајќи се кон иницијативата „Менталното здравје како универзално човеково право“, предводена од Светската здравствена организација. Овој ден е прилика за општествено обединување со цел подигање на свесноста, споделување на знаeње и делување во интерес на подобро ментално здравје и добросостојба во заедницата.

„И покрај тоа што менталното здравје би требало да биде интегрален дел од холистичкиот здравствен пристап, статистичките податоци покажуваат дека дури еден од осум луѓе страда од потешкотии со психичкото здравје. Овие предизвици не ја афектираат само психичката добросостојба, туку нивното влијание се одразува и на социјалното и професионално функционирање на личноста, а оттаму и на општеството во целост“, посочуваат од Клиниката за психијарија во Скопје. 

Стигматизација

Дијагнозата на нарушено ментално здравје никогаш не би смеела да води до ускратување на човековите права или личната автономија.

„Сепак, за жал, сведоци сме дека ширум светот мноштво индивидуи со потешкотии на план на психичкото здравје се соочуваат со дискриминација, општествена отфрленост и кршење на некои од базичните човекови права и потреби. Многу од нив се лишени од нужна ментално-здравствена грижа, или пак се субјект на третмани кои ги загрозуваат нивните човекови права“, посочуваат психијатрите.  

#dw_BalkanBooster: Повеќе дневни центри за подобра психолошка помош