1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога институциите молчат - царува бетонизацијата

ДТЗ
6 октомври 2022

„Шанса за Центар“ алармира дека е незаконско издавањето на дозволата. Општина Центар, пак, тврди дека ниту еден суд не утврдил дека планот е незаконски.

https://p.dw.com/p/4HqgV
Скопје
Од Општина Центар тврдат дека ниту еден суд не утврдил дека планот кај Холидеј Ин е незаконскиФотографија: DW/Carolin Weinkopf

Продолжува бетонизацијата во центарот на Скопје. Општина Центар издаде градежни дозволи и за втората висококатница на спорните парцели спроти хотелот Холидеј Ин во строгиот центар на градот. „Кога институциите молчат, царуваат моќниците“, реагираат од иницијативата „Шанса за Центар“, која има свои претставници во општинскиот совет. 

Издавањето на дозволата, според „Шанса за Центар“, е незаконско бидејќи Деталниот урбанистички план (ДУП) за овој дел излегува од параметрите на Генералниот урбанистички план, што е незаконски и тврдат дека тој план не може да се спроведува. 

„И повторно ќе речат ’сè е по закон‘ или ’моравме бидејќи беше доставено барање за градба‘ иако целиот урбанистички план по кој се издаваат дозволите и по кој веќе се гради е очигледно незаконски. Планот во сите параметри го прекршува ГУП на Скопје, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е незаконски и таков план не смее да се спроведува. Но, градоначалникот и Општината остануваат глуви на овие факти“, велат од Шанса за Центар.

Според нив, ваквото незаконско постапување го поддржуваат и други институции како Јавното обвинителство кое повеќе од една и пол година не одговара на поднесената иницијатива од страна на Антикорупциската комисија која смета дека има низа на законски прекршувања во начинот и постапката со која е донесен ДУП по кој се гради и се издаваат дозволи за овој простор.

„Шанса за Центар“ потсетува дека имаше и петиција уредувањето на овој простор да се осмисли квалитетно и на истата се потпишаа над 10 илјади граѓани.

Скопје
И покрај предистражните постапки кои се во тек, продолжува бетонизацијата во центарот на Скопје.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Истраги и нови дозволи за градба 

Но, од Општина Центар тврдат дека ниту еден суд не утврдил дека планот е незаконски. „За тоа дали одредена постапка е законска или не, надлежен е единствено судот и судските органи. Ниеден суд, ниту истражен орган се нема произнесено дека некој од деталните урбанистички планови е незаконски или дека на кој било начин не смеат да се спроведуваат. Оттаму, законска обврска на општината е да ги спроведува и постапките предвидени со законите за градба“, велат од Општината, предводена од градоначалникот Горан Герасимовски од владејачката СДСМ. Обвинуваат дека ваквите неточни и тенденциозни информации пласирани во јавноста имаат за цел очигледно да наштетат на угледот на општината.

Градежните зафати ќе започнат иако Обвинителството веќе има отворено предистражна постапка за локацијата кај „Холидеј Ин“, за која изминатиот период имаше бројни полемики во јавноста дали треба да се гради или не. Предметот го иницираше Државната комисија за спречување на корупција, која побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“.  За овој случај вештачењето е во завршна фаза. Откако ќе биде анализирано, ќе се донесе одлука за понатамошните постапки.

Се додека Обвинителството не го каже конечниот збор, антикорупционерите во повеќе наврати укажуваат дека треба да се почитуваат нивните препораки дека нови градби не смеат да никнат. Со сегашниот ДУП нема никаква пречка да се издаваат градежни дозволи најатрактивните локации во срцето на градот.  Но, антикорупционерите сметаат дека во моментов има важечки, но противзаконски Детален урбанистички план. Поради тоа се поставува прашањето дали е легитимно да се даваат одобренија по еден ваков противзаконски ДУП. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема