1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Индија ќе го промени името во Бхарат?

Мурали Кришнан
8 септември 2023

Употребата на зборот Бхарат во поканата за вечера на самитот на Г20 предизвика политички спор. Критичарите велат дека обидот за исфрлање од употреба на зборот Индија е националистички трик за собирање политички поени.

https://p.dw.com/p/4W73V
Индија парламент
Индиската владејачка БЈП свика специјална седница на парламентот подоцна овој месец за да се расправа за промената на иметоФотографија: AP Photo/picture alliance

Поканата за вечера што во вторникот (5.09) до странските лидери собрани на самитот на Г-20 во Њу Делхи ја упати индиската претседателка Драупади Мурму, предизвика контроверзии. Имено, таа во поканата е именувана како „Претседател на Бхарат“, што е санскритско име за Индија.

Употребата на името Бхарат во дипломатската покана предизвика загриженост дека хинду-националистичката влада на премиерот Нарендра Моди планира да ја прекине официјалната употреба на англиското име на земјата. Дополнително, за овој септември е свикана вонредна петдневна седница на парламентот, на која треба да се усвои резолуција со која ќе се даде приоритет на употребата на името Бхарат.

Повеќе имиња на Индија

Формулацијата употребена во член 1 од Уставот на Индија гласи: „Индија, односно Бхарат, е конфедерација на држави“. Така, се споменува и англиското и хинди-името на земјата, која стекна независност во 1947 година, по речиси 200 години британско владеење. Името Бхарат доаѓа од санскрит, а неговата употреба сама по себе не е невообичаена, бидејќи имињата Бхарат и Индија се користат наизменично.

Сепак, индиските опозициски партии, кои формираа нова коалиција за да ја предизвикаат владејачката Индиска народна партија (БЈП) на парламентарните избори следната година, велат дека БЈП прави грешка со тоа што предлага веќе да не се користи името Индија.

„Иако нема уставна пречка Индија да се нарекува 'Бхарат', што е едно од двете официјални имиња на земјата, се надевам дека владата нема да биде толку глупава за целосно да го отфрли името 'Индија', кое има непроценлива вредност како бренд изграден повеќе од еден век“, објави Шаши Тарур, лидер на опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ), на мрежата „Х“ (поранешен Твитер).

„Треба да продолжиме да ги користиме двете имиња и да не се откажуваме од правото на име што зрачи со историја, име кое е признато низ целиот свет“, додава тој.

Мехбуба Муфти, партнер во опозициската алијанса од регионот Џаму и Кашмир, изјави дека „аверзијата на владејачката БЈП кон индискиот фундаментален принцип за единство во различноста достигна најниска точка“. „Со сведување на многу од имињата на оваа земја - од Хиндустан, до Индија - исклучиво на Бхарат, партијата БЈП покажува дека е ситничава и нетолерантна“, напиша тој на „X“.

Индија фотографија со покана „Претседател на Бхарат“
Оваа покана предизвика контроверзии во врска со официјално користење на „Бхарат“Фотографија: Altaf Qadri/AP Photo/picture alliance

Бхарат е прашање на „национална гордост“

Индиската владејачка партија БЈП верува дека користењето на името Бхарат ќе влее чувство на национална гордост и ќе го зајакне богатото културно наследство на земјата. „Ова требаше да се случи многу порано. Претседателот му даде приоритет на името 'Бхарат'“, соопшти Дармендра Прадан, министер во кабинетот на Моди. И Анураг Такур, министер за информации, ги критикуваше оние кои се противат на употребата на името Бхарат.

Минатата недела и Мохан Багват, шеф на Сојузот на доброволни слуги на татковината (РСС), организација која е идеолошки столб на владејачката БЈП, ги повика Индијците да престанат да го користат името Индија и да се префрлат на Бхарат.

„Нашата земја е Бхарат. Ќе мора да престанеме да го користиме зборот Индија насекаде и да почнеме да го користиме името Бхарат. Ќе мора да ја нарекуваме нашата земја Бхарат и да им објасниме на другите“, нагласи лидерот на РСС.

Сојузот на доброволни слуги на татковината, хиндуистичка организација која е идеолошка инспирација на БЈП, беше ангажиран во трансформацијата на верската заедница на хиндусите во гласачко тело. Критичарите велат дека РСС има за цел да воспостави хинду-хегемонија во земја со хинду-мнозинство, запоставувајќи ги верските малцинства.

Промената на името како тест за политичкото расположение?

Политичките аналитичари тврдат дека владејачката БЈП, пред изборите во 2024 година, сака да го тестира политичкото расположение и да ја смири конзервативната гласачка база. Политичкиот коментатор Нерја Чудхури смета дека БЈП се обидува да ги „разбуди националистичките чувства“ кај гласачите.

Не е првпат БЈП да прибегнува кон вакви акции. Од 2014 година, партијата промени имиња на многу градови и населени места од историско значење во Индија, препишувајќи ја историјата на земјата со реновирање на историски знаменитости за да ја потврди и легитимира својата хинду-националистичка идеологија.

Индија, Мумбаи, средба на лидерите на најголемата опозициска алијанса во Индија
Дали опозицијата за затресе владејачката БЈП? (фото: средба на лидерите на најголемата индиска опозициска алијанса „И.Н.Д.И.А.“, Мумбаи, 31.08.2023) Фотографија: Hindustan Times/IMAGO

Пример е неодамнешното реновирање на административната област Централна Виста во центарот на Њу Делхи. Владата ја претвори таа површина од 35 хектари исполнета со културни знаменитости во јавен простор со музеи и владини објекти и згради. Обновата, која чинеше 2,5 милијарди долари, вклучуваше уривање на неколку згради и редизајн на простори како што се зградата на Парламентот, Претседателската палата, Индиската капија и Воениот меморијал.

Критичарите сметаат дека Индиската народна партија на тој начин се обидува да ја промени постоечката историска меморија и да отстрани бројни симболи на британската колонијална власт.

Но, промената на името на Индија нема да може лесно да се спроведе. Правните експерти оценуваат дека за ова е потребно да се усвои уставен амандман - со двотретинско мнозинство во двата дома на Парламентот, а истиот да биде ратификуван од најмалку половина од индиските сојузни држави.

Политичкиот аналитичар Рашед Кидвај вели дека опозициската алијанса ја затресла владејачката партија. Според него, предлозите како промена на името на државата се знак дека владејачката партија станува нервозна пред изборите. „На изборите во Индија во 2014 и 2019 година немаше опозициска алијанса, што ѝ даде огромна предност на Индиската народна партија. Сега, пак, обединета опозиција со јасна изборна стратегија предизвикува немир и нервоза во владејачката БЈП“, објаснува Кидвај за ДВ.