1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот блеф на Еди Рама и Џорџа Мелони

10 ноември 2023

Италија краткорочно го извезе својот внатрешен проблем во Албанија, но Албанија ризикува да си увезе долгорочен проблем пред очите на другите европски партнери, европските социјалисти и самата ЕУ. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4YehO
Премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерката на Италија, Џорџија Мелони
Премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерката на Италија, Џорџија МелониФотографија: Tiziana Fabi/AFP/Getty Images

Премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерката на Италија, Џорџија Мелони, неделава потпишаа договор кој многумина го оценија како историски, а кој се однесува на формирање  мигрантски центри во Албанија  со кои би управувала Италија. 

Во суштина ќе излезе дека станува за збор за една многу опасна игра на Албанија на Рама,  како земја која треба да ги започне пристапните преговори со ЕУ, како и на Италија на Мелони, историска членка на ЕУ, која преку  билатерален договор  ги става под знак прашање законските гаранции од италијанското законодавство и меѓународните норми кога станува збор за баратели на азил. Или подобро кажано, станува збор за еден голем политички блеф, кој неминовно ќе заврши како историски дебакл.

Првиот и најевидентен парадокс од договорот е што италијанскиот центар за мигранти во Поцало, Сицилија зјае празен, а Мелони одлучува да отвори ист таков центар во Албанија. Италијанскиот договор за мигрантите, вели дека до 3.000 баратели на азил кои претходно биле спасени од италијански бродови, како што се крајбрежната стража или полицијата, ќе можат да бидат испраќани во Албанија секој месец. Договорот за притворот за баратели на азил ќе трае пет години, а можно е да биде продолжен за уште пет. Напуштената база во Ѓадер бесплатно ќе ѝ биде дадена на Италија, а Италија целосно ќе ја опреми. 

Трошоци, трошоци...

Но, неминовно ќе има трошоци што ќе ги платат Албанците, па се очекува паушален надомест од 16,5 милиони евра годишно. Италија ќе биде одговорна за здравствениот сегмент на кампот, Италија ќе ги сноси сите трошоци, а кога станува збор за јурисдикцијата, официјален Рим му гарантира на Брисел дека таа ќе остане целосно италијанска. Влегувањето на мигрантите во Албанија ќе се врши исклучиво со италијански бродови кои ќе се укотват на пристаништето. Со оглед на тоа дека албанската полиција ќе ја надгледува околината на базата, ќе бидат потребни нови сместувачки капацитети за нив. Очигледно, Италија ќе плати за ова исто така“, пишува торинската „La Stampa“. Од друга страна, италијанската полиција ќе гарантира ред, мир и безбедност внатре во центарот за задржување мигранти. Албанија ќе ја гарантира надворешната безбедност и неовластениот излез на територијата на Република Албанија.

Во пракса ќе се покаже дека Италија само на хартија ќе може да однесе 36 илјади мигранти годишно во Албанија, додека во реалноста, ќе мора да огранизира еден куп патувања помеѓу италијанскиот и албанскиот брег, не само со мигрантите, туку и со целиот технички персонал составен од адвокати, судии и функционери задолжени за процедурата.

Секој пат кога италијански крајбрежен или воен брод ќе спаси мигранти на море, се разбира дека ќе мора сите бегалци да ги понесе со себе. Во Албанија смеат да се однесат само полнолетните мажи. Тоа значи дека италијанскиот брод ќе мора да ги однесе до Албанија, додека жените, малолетните и ранливите лица, ќе мора да ги врати во Италија. И тоа е само првото патување. Еднаш во албанскиот центар за обработка, би се одвивала операцијата на идентификација и сликање на мигрантите. Само тука би се одредила националноста на бегалците и би се собрале барањата за азил, односно, би се востановило кој доаѓа од безбедни земји, а кој не. Овие последните, според закон, не смее да бидат задржани и не би смеело да останат на албанска територија, по што Италија би морала веднаш да обезбеди нивно патување во Италија каде нивното барање за азил би се процесуирало според регуларна постапка. И тоа е веќе второто патување.

Оние кои би биле задржани во Албанија, по одлука на италијанското МВР, би требало да разговараат со бранител (повторно од Италија), и да бидат сослушани од италијански судија. Значи, при секоја постапка на задржување, Италија треба да плати за повратно патување на целиот персонал задолжен за процедурата. Доколку судија одлучи да ослободи одреден мигрант, тој мора веднаш да биде однесен во Италија. Тоа е веќе третото патување. Договорот, исто така, вели дека ако се покаже дека е невозможно да се испрати некој мигрант назад во нивната земја на потекло, тогаш тој сепак ќе биде вратен во Италија по одреден временски период, за кој се верува дека е 40 дена. И таква ќе биде судбината на најголем дел од мигрантите сместени во Албанија.

Поентата е дека центрите за обработка во Албанија за кои Италија ќе плати и ќе ги раководи, нема да бидат по ништо поефикасни од оние во Сицилија. Миграцискиот бран ниту ќе биде намален, ниту запрен. Процесот на враќањето на миграните во нивните земји на потекло, нема да се подобри. Италија има единствено со Тунис билатерален договор за репатријација, а тие се само мал процент од бегалците. Фактички, Мелони само парцијално ги префрли во Албанија своите владини неуспеси поврзани со миграциските и популистички политики. Во исто време, Рама и Мелони ризикуваат да ја влошат состојбата со балканската миграциска рута, која денес е многу поискористена и пооптеретена од медитеранската. Тоа најверојатно ќе создаде голем револт кај Словенците, Хрватите и Австријците кои ќе доживеат  зголемен притисок на своите граници.  И кој може да гарантира дека тоа нема да влијае врз евроинтеграциските аспирации на Албанија, која од нигде никаде одеднаш се претвори во слабата алка на миграциската рута.

Албанската мафија и мигрантите

Дополнителен апсурд е што според сознанијата на италијанската полиција, италијанската Влада ги носи мигрантите во земја каде мафијата го контролира и огранизира шверцот на мигранти, особено во услови кога ЕУ се соочува со ризик од ненадеен прилив на мигранти кои бегаат поради војната меѓу Израел и Хамас.

Според италијанската Дирекција за антимафија,  шверцот со мигранти  е еден од главните бизниси на албанската мафија, која преку Отрантската Врата со гумени чамци превезува огромен број на Иранци, Пакистанци, Ирачани, Египќани, Сиријци и Авганистанци. Истите тие кои италијанската влада сака да ги собере и да ги однесе во Албанија. Шемата на албанската мафија функционира преку 4 организирани групи кои регрутираат мигранти преку социјални мрежи (дури и преку група на Фејсбук), кои се заглавени во Грција или Турција. Ги собираат, ги носат во хотел во Тирана и потоа им огранизираат нелегален транспорт до Италија, по цена од 6 илјади евра по човек.

Ова е особено проблем кога знаеме дека во позадина најголемата слабост на Албанија во нејзините евроинтеграциски амбиции е алармантното ниво на перење пари и финансирање на тероризмот. Рама е очаен земјата да ја внесе во ЕУ, нешто за што му помагаат бројни лобисти, меѓу кои и Тони Блер, па затоа и се нафаќа преку оваа опасна игра да го зацементира стратешкото партнерство со Италија на Мелони, која за возврат би требало да го помогне и забрза влезот на Тирана во ЕУ.

Калкулациите на Рама и на Мелони

Но, зајакнатото сојузништво на Рама со Мелони ризикува да отвори и дополнителни политички главоболки, каде Рама како дел од европските социјалисти влегува во тесна соработка со еден од најголемите експоненти на европските суверенисти и екстремни десничари. Да не испадне дека на крајот една отворена врата, ќе затвори три за Албанија. Мелони планира центарот во Албанија да го отвори напролет, пред почетокот на европските избори, и да го искористи како предизборна карта во италијанската домашна политика.

Со други зборови, Италија краткорочно го извезе својот внатрешен проблем во Албанија, но Албанија ризикува да си увезе долгорочен проблем пред очите на останатите европски партнери, европските социјалисти и самата Европска Унија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи