1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Покрив над главата станува луксуз во Германија?

Геро Ројтер
9 септември 2023

Сѐ повеќе луѓе во Германија очајнички се во потрага по стан. Понудата е мала, кириите се сѐ повисоки, платата веќе не е доволна за добар стан. Тоа предизвикува раскол во општеството.

https://p.dw.com/p/4UoBe
Семејствата со ниски приходи едвај можат да си дозволат убав стан во добро соседство
Семејствата со ниски приходи едвај можат да си дозволат убав стан во добро соседствоФотографија: Rainer Hackenberg/picture-alliance

Кој сака да има убав стан во добра населба во Берлин мора да биде добро финансиски поткован.

На еден портал на интернет има понуда за четворособен стан во Шарлотенбург, 182 квадратни метри, опремен. Чини 8.190 евра месечно, плус режиските трошоци. Вкупно тоа се повеќе од 50 евра по квадратен метар. Социјално прифатливо ниво на кириите во Германија е меѓу 6,5 и 7,5 евра по квадратен метар.

Тоа во Берлин не важи ни за „понудата на месецот” - стан од 69 квадрати во источните предградија за 725 евра. Станот е на шести кат - без лифт.

Се бара „спортско семејство” кое „сака да мајсторисува” затоа што станот треба и да се реновира.

Киријата ги голта приходите

Во Германија просечната нето плата, односно она што навистина ќе легне на сметката откако ќе се одбие данокот и социјалните давачки, е 2165 евра. Околу третина од приходите се даваат за кирии. Но, ако се изнајмува нов стан тоа веќе не е доволно.

Станарините растат константно, особено во големите градови, како Берлин
Станарините растат константно, особено во големите градови, како Берлин Фотографија: Jochen Eckel/dpa/picture alliance

Квадратниот метар во Минхен се изнајмува за 19 евра, во Штутгарт за 18, во Дизелдорф и Келн меѓу 12 и 13 евра, а во Берлин за 11 евра од квадратен метар. „Големата побарувачка за станбен простор кој станарите може да си дозволат да го платат се судира со историско зголемување на кириите и недоволна понуда”, вели во описот на актуелната ситуација на пазарот на порталот на фирмата Имоскаут24.

Помалку купување, повеќе потстанари

Германија е традиционално потстанарска земја. Квотата на сопственост на станбен простор во Европа изнесува просечно 70 проценти, а во Германија само 46 проценти.

Во големите градови процентот е уште помал - на пример во Хамбург е околу 22 проценти, а во Берлин 14.

Ширум светот растат цените на недвижнините. Институтот ИФО како и Институтот за швајцарска економска политика во едно истражување предвидоа дека во следните десет години може да се смета на годишен пораст на цените од девет проценти.

За Германија се предвидени седум проценти раст. Ако се земат в предвид зголемувањата на каматите за станбените кредити, купувањето на сопствен стан или куќа ова го прави невозможно. Останува само потстанарство како опција, а тоа доведува до зголемена побарувачка на пазарот и до пораст на цените.

Долги редици на потенцијални кираџии пред стан за изнајмување: редовна слика во Германија
Долги редици на потенцијални кираџии пред стан за изнајмување: редовна слика во ГерманијаФотографија: GAETAN BALLY/picture alliance

Зошто постои недостиг на станбен простор?

Институтот за системско истражување Едуард Пестел наведува дека на Гдрманија и недостигаат 700 илјади станови - посебно во ефтиниот сегмент. Германската влада најави дека ќе обезбеди изградба на 400 илјади станови годишно. Но, оваа годуна изградени се нешто повеќе од половина од зацртаниот број на станови. Следната година бројот ќе се намали според пресметките на Институтот за истражување на макроекономијата и конјунктурата кој е близок до синдикатите.

Војната во Украина и инфлацијата ги зголемија трошоците на градбата. Стручњаци пресметаа дека е напросто невозможно да градат за помалку од 5 илјади евра од квадратен метар. Нема доволно стручна рабптна сила и градежни материјали.

Во мај се издадени за четврт помалку дозволи отколку лани во истиот период.

Речиси да нема социјални станови

За сѐ помалку станбен простор по прифатливи цени конкурираат сѐ повеќе луѓе. Од бегалците кои дојдоа во 2015 и 2016 година околу 25 проценти и натаму живеат во државни прифатилишта за бегалци затоа што до денес не можат да најдат стан за себе. Бројот на бегалци во 2022 година се зголеми за уште еден милион кој стасаа од Украина.

Годинава се проценува дека во земјата ќе дојдат уште 300 илјади баратели на политички азил.

Сега на виделина излегува децениското запуштање на изградбата социјални станови. По 1950 година на база на државни субвенции беа изградени 8,4 милиони социјални станови. По две децении во тие станови веќе не е лимитирано зголемувањето на кириите.

Протест против високите станарини во Берлин на 11 септември 2021 година
Протест против високите станарини во Берлин на 11 септември 2021 годинаФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Што прави политиката?

Сега на годишно ниво се градат помалку социјални станови во однос на становите кај кои истекува ограничувањето за зголемување на кириите. На крајот на 2022 година во Германија имало 1,1 милион социјални станови, а тоа е историски мал број.

„Левица“ бара јавна програма за изградба на станови како и фонд за домување кое може да се плати.

„Барам од владата конечно да преземе иницијатива и да издвои најмалку 20 милијарди годишно за социјални градби, како и градби во општонародна корист”, вели пратеничката Карен Лај.

Но, владата сака да штеди затоа што нема доволно средства.

Министерката за градежништво Клара Гајвиц од Социјалдемократската партија (СПД) има намера да воведе даночни олеснувања за градба.

Во мај 2023 година ќе се зголемат субвенциите за граѓаните со ниски примања и високи издатоци за кирии. Исто така ќе се зголеми и бројот на лицата кои ќе имаат право на ваков вид помош, но тоа е само капка во морето.

Социјалните здруженија бараат регулирање на кириите

Здруженијата кои се занимаваат со социјалните прашања предупредуваат дека киријата сѐ почесто станува егзистенцијално прашање. Тоа според нив е потенцијално токсично за социјалниот мир во општеството. Една од тие организации истакнува дека да се има адекватно живеалиште спаѓа во човекови права. Во заедничкиот став се бара станбената политика повторно да се прогласи за јавно и државно прашање од највисок приоритет и да се воведе регулирање на цените на земјиштето и киријата за да се дојде до поголема правичност на пазарот.

Критичарите на ваквиот концепт забележуваат дека регулирањето на цените би довело до намалување на градбите бидејќи инвеститорите не би биле заинтересирани да вложуваат во нови згради.

Мини решение за големиот проблем на пазарот за недвижности?

Да се живее на 7,5 метри квадратни

Со ваквите проблеми тешко дека ќе се дојде до подобрување во германскиот станбен сегмент.

Единствено кога се во прашање старите згради цените до некаде опаѓаат, посебно во објектите кои имаат старо греење каде евентуалното реновирање и санирање би било поврзано со високи трошоци.

Цените на греењето ќе бидат во пораст таму каде што греењето е на гас со што дополнително ќе се зголеми притисокот врз граѓаните со ниски примања.

Единствена можност што им преостанува е да се преселат во помали станови.

Можеби ќе има и повеќе огласи како што е овој од Берлин: жена бара цимерка за стан од 15 метри квадратни. Половина кирија изнесува 120 евра.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема