1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

„Џанго“ го отвори 67. Берлинале

СН/ агенции
10 февруари 2017

Најголемиот германски филмски фестивал започна со филм за уметник во време на диктатура. „Џанго“ е и филм за еден бегалец, тема актуелна некогаш како и денес. Успешен почеток на Берлиналето, велат критичарите.

https://p.dw.com/p/2XJHd
Filmstill Django
Фотографија: Roger Arpajou

Нема премногу историски филмови за Ромите и Синтите и нивниот прогон за време на нацистичка Германија. „Џанго“ - дебитантското дело  на францускиот режисер Етијен Комар е историско-политички филм кој има и поврзувачки точки со денешницата. Публиката на синоќешното гала отворање на 67. Берлинале беше задоволна од изборот на филмот за отворање на фестивалот. Тој е фокусиран на прочуениот џез музичар Џанго Рајнхарт и неговиот живот како ромски уметник во Париз за време на нацистичката окупација.

Политичка конотација провејуваше во текот на целата вечер на отворањето на фестивалот. Во изјавите на глумците не беше изоставен ни американскиот претседател Доналд Трамп. Американската актерка Меги Џиленхол, која е и членка на жирито на фестивалот, изјави дека во САД има многу граѓани кои се подготвени да му пружат отпор на новиот претседател. Мексиканскиот актер Диего Луна пак се изјасни против изградбата на ѕид на американско-мексиканската граница.

Започна Берлинале 2017

Вкупно 18 филмови се натпреваруваат за главната награда на фестивалот „Златната мечка“ која ќе биде доделена на 18. февруари. Во мамутската програма во бројни секции на Берлиналето ќе бидат прикажани близу 400 филмови од 70 земји. Меѓу нив е и најновото остварување на македонската режисерка Теона Митевска „Кога денот немаше име“.  Филмот инспириран од злосторството кај Смилковско езеро крај Скопје, ќе биде премиерно прикажан во Берлин во рамките на програмата Панорама на 14. февруари.