1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот на Рорабакер предизвика шок во Европа

Ж.А. /печат
9 февруари 2017

Чудната изјава на американскиот републикански конгресмен Дејна Рорабакер за поделба на Македонија предизвикува шокираност во Европа, пишуваат ДПА и австриски весници.

https://p.dw.com/p/2XEZL
Dana Rohrabacher
Фотографија: AP

Предлогот на американскиот републикански пратеник во Конгресот, Дејна Рорабакер, за укинување на Македонија како држава поради нејзината неефикасност, предизвика шокираност, пишува германската новинска агенција ДПА:

„Македонските медиуми се револтирани од иницијативата за поделба на малата земја меѓу нејзините соседи Бугарија и Косово. Медиумите во Скопје ги пренесуваат и официјалните реакции на американското министерство за надворешни работи и на бугарското министерство, со нивните заложби за опстојување на Македонија. Бугарија на 16. јануари 1992. година беше првата земја во светот која ја призна Република Македонија. Во Македонија, каде живеат словенско мнозинство и албанско малцинство, веќе две години владее политичка блокада поради длабока политичка кавга меѓу партиите.ЕУ-комесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје се обидува да помогне во формирањето мнозинство за избор на нова влада. Јазичето на вагата се повеќе албански партии, кои поставија барања кои одат многу далеку“, пишува ДПА. 

И австрискиот булеварски весник „Кронен цајтунг“ го пренесува револтот во Европа и во Македонија поради, како што пишува, чудниот предлог на Рорабакер и неговата аргументација:

„Според мое мислење, сегашната ситуација во Македонија е неприфатлива. Населението никогаш нема да биде во состојба да живее заеднички без тензии и немири. Затоа, за мене Македонија не е држава“, ја пренесува „Кронен цајтунг“ изјавата на Рорабакер дадена за албанската телевизија Визион плус, како и неговото тврдење дека „идејата за скоро менување на границите на Балкан не му е туѓа на американскиот претседател Доналд Трамп.“

Австрискиот весник „Стандард“ појаснува кој е Дејна Рорабакер и потсетува дека и порано имало сличен предлог, но од друга страна:

„Рорабакер е пратеник од Калифорнија, кој според повеќе медиуми, во декември важел за кандидат за функцијата американски министер за надворешни работи по изборот на претседателот Доналд Трамп. Конгресменот најави консултации околу ова прашање. Рорабакер сепак има 'влијание' во политиката во САД.

Сличен предлог за поделба на Македонија, која во времето на бегалската криза и за Австрија играше решавачка улога, во игра внесе рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, уште во 2015. година. И тогаш Бугарија, Албанија и Косово го отфрлија предлогот, исто како и македонската влада,“ заклучува „Стандард“.