1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монолитност градена со меници

Катерина Блажевска9 март 2015

Пратениците сами мора да стават крај на недемократската практика - да донесат закон со кој условувањето на нивната лојалност ќе биде прогласено за ништовно, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов

https://p.dw.com/p/1EnU9
Фотографија: picture-alliance/Robert B.Fishman/ecomedia

Меница на одредена сума, потпис од гарант за меницата и бланко оставка на пратеничката функција. Тоа се трите потписи со кои е условена „лојалноста“ на пратениците од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, објаснува за Дојче веле, пратеник од владејачкото мнозинство, кој сака да остане анонимен.

„Јас потпишав меница на 300.000 евра во денарска противвредност. Таа сума ја одреди партијата. Според образложението, толку ќе чинеле трошоците на ВМРО-ДПМНЕ вложени во мојата изборна кампања. Не ти даваат време да размислуваш дали да потпишеш такво нешто или не. Се јавуваат, те повикуваат да дојдеш во партијата во точно определено време, односно во последен миг. Ми рекоа да дојдам во 23 часот, пред истекот на рокот за доставување на изборните листи. Ако не дојдеш да потпишеш во посочениот термин заедно со сведок/гарант, тоа значи дека се откажуваш од изборната трка и не те ставаат на листата“, објаснува пратеникот, додавајќи дека сите тие документи се чуваат во штабот на партијата.

На таков начин, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со години ја обезбедувал „монолитноста“ во својата коалиција и „лојалноста“ на избраните пратеници. Истиот принцип важел и за советничките листи на локалните избори, но со помали суми.

Според нашиот соговорник, ако пратеникот и откаже послушност на партијата, со меницата е обврзан веднаш да и ги врати парите, а во спротивно се соочува со тужба.

„Тоа на суд веројатно би паднало, бидејќи ваквите односи немаат правна основа. Второ, партијата треба да приложи куп документи со кои ќе треба да докаже дека навистина толку вложила за мене во изборната кампања. Но, со оглед дека на клучни позиции во судството се инсталирани луѓе кои се под контрола на власта, досега ниеден пратеник не се осмели да ја тестира власта како ќе се однесува во таков случај. Секој се плаши дека ќе го загуби личниот имот или ќе го заглави во проблеми гарантот, кој најчесто е или член од семејството или партиски колега“, објаснува пратеникот.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Фотографија: MIA

Прв доаѓа, последен си оди!

И други пратеници од мнозинството ги потврдуваат овие сознанија. Меѓусебе ретко разговарале на таа тема, колку од срам, толку и од страв! Но, признаваат дека нема фиксна сума за мениците. За пратеници кои доаѓале од помали, неразвиени места и имале послаба имотна состојба, сумите биле помали. Оние пратеници, пак, кои имале имот, но тој не бил на нивно туку на име на децата, поради што не можеле со него да ја гарантираат реализацијата на меницата, потпишувале договори со партијата. Со тие договори се обврзувале дека одреден процент од пратеничката плата, во некои случаи и до 50 отсто, континуирано ќе го префрлааат на сметка на партијата. А за да бидат елиминирани сите опасности од откажување лојалност на владејачката коалиција и менување на партиски бои, во игра била ставена и бланко оставката што ја потпишуваат сите пратеници.

„Ако пратеникот сака да избегне активирање на меницата и формално си остане во партиските редови, но од говорницата почне да застапува ставови поинакви од партиски договорените, тогаш се соочува со можноста да му ја активираат бланко оставката. Доволно е да задоцни на седница или да најави дека тој ден нема да дојде, партијата веднаш ќе ја достави бланко оставката до претседателот на Собранието, тој ќе соопшти дека пратеникот писмено доставил оставка, ќе ја стави на гласање и таа веднаш ќе биде усвоена. Така нелојалниот ќе биде отстранет, а пратеничко место ќе биде пополнето со следниот од листата“, објаснува нашиот соговорник.

Низ ваков принуден троен тест за „лојалност“ поминале сите, вклучувајќи ги и лидерите на помалите партии во коалицијата, кои биле на изборна листа. Еден од нив кој одбил да потпише меница, сега го „контролираат“ преку потпишаната бланко оставка, па како што велат пратениците, „заради неизвесност мора прв да доаѓа, последен да си оди и да не пропушти ниедна седница“.

Нов закон

Ваквите методи на страв и условување одамна го претворија владејaчкото мнозинство во послушна гласачка машинерија на Владата, односно овозможија целосен упад на извршната во законодавната власт и уривање на улогата на парламентот. Опозицијата во изминатите години се обидуваше да стави крај на ваквите уцени, но секогаш безуспешно. Лидерот на НСДП, Тито Петковски, во 2009 година предложи измени во Законот за пратеници, со кои извршувањето на функцијата пратеник не смее да биде ограничено со материјална или финансиска гаранција кон политичката партија или коалицијата од чија кандидатска листа е избран пратеникот. Силвана Бонева побара предлогот да биде повлечен.

Wahlen in Mazedonien
Стојан АндовФотографија: AP

„Ова не е во функција на јакнење на пратеничката функција и довербата на граѓаните кон Парламентот. Уставот веќе ја гарантира независноста на однесувањето на пратениците. Овој предлог е сериозна навреда за пратениците. Ние сме самостојни и градиме еден дом кој доликува на едно европско собрание“, рече Бонева. Со слични ставови тогаш се огласи и Антонио Милошоски: „Предлогот е дволичен, нема чесни намери, тој е од дневно-политички карактер и има за цел да го наруши дигнитетот на парламентот“.

Подоцна и други обиди на опозицијата во истата насока, завршија без успех.

Стојан Андов, претседател на првото повеќепартиско Собрание во независна Македонија, смета дека пратениците мора да се охрабрат и самите да стават крај на таа недемократска практика.

„Веќе е сосема јасно дека оваа длабока политичка криза ќе се разреши тогаш кога ќе биде разрешен Груевски. Но, ако пратениците не се ослободат од оваа срамна обврска, тие нема да гласаат за разрешување на Груевски. Без оглед што таа обврска нема правна важност, таа ги држи пратениците во постојан страв. Затоа, токму од пратениците од мнозинството треба да дојде предлог за донесување закон, со кој секоја обврска од таков тип за финансиско условување на лојалноста на пратениците, ќе биде прогласена за ништовна, неважечка. Тоа може да го предложи и некоја од помалите партии во коалицијата. Секако, и јавноста треба да ги охрабри да го направат тоа. Кога тоа ќе биде усвоено, ќе можат без страв да гласаат за разрешување на Груевски, а да си го зачуваат дигнитетот на партијата и коалицијата“, сугерира Андов.

Без оглед што овие документи се чуваат во тајност, по објавувањето на опозициските „бомби“ со кои се демаскираат дел од „демократските методи“ во практикување на власта, некои од пратениците се охрабриле и го направиле првиот чекор: овие факти ги споделиле во тет-а-тет разговори со европски претставници и делегации, чии посети биле посветени на јакнење на демократските капацитети на парламентот. Не е исклучено дека нивниот следен чекор може да биде токму тоа: предлог на закон кој ќе стави крај на условувањето на нивната пратеничка волја и слобода.