1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Поправката на гени - опасност од дизајнирање деца по желба?

Фабијан Шмит
4 август 2017

Успешниот експеримент на поправка на гени во човечки ембрион е од помош за науката, вели истражувачот на матични клетки Џејмс Аџаје. На тој начин може да се разберат подобро болести како ракот.

https://p.dw.com/p/2hhbi
USA Portland Embryos
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/OHSU

ДВ: Господине Аџаје, истражувачите од Здравствениот Универзитет во Орегон првпат во текот на оплодувањето на ембрион поправија генски дефект. За таа цел беше применет методот CRISPR/Cas9. Какво е значењето на експериментот од медицински аспект?

Џејмс Аџаје: CRISPR/Cas9 е многу моќна техника која ни помага за подобро разбирање на функцијата на гените. Со нејзе може да се екстрахираат гени и да се набљудува што потоа се случува. Или, може да се врши поправка на гените, доколку се дефектни. Тоа го направија моите колеги во Орегон: тие нешто поправија. Тоа за истражувачите е фантастично средство кое помага да сфатиме што се гените и што прават.

Студијата е интересна затоа што првпат се успеа во тоа со кожни клетки од едно лице кое има наследна болест на митохондриите да се произведат плурипотентни матични клетки и да се оплоди јајце клетка со негови сперматозоиди. Притоа е користен методот CRISPR/Cas9, кој се состои од секвенца која има задача да ја коригира генетската мутација и од ензимот Cas9. Со направениот експеримент се покажа како функционира процесот на поправка.

Основниот проблем е што употребата на CRISPR/Cas9 може да има несакани ефекти. Иако треба да се поправа одреден дел од геномот, никогаш не се знае дали се прави нешто и на некои други места. Тоа не може да се контролира. Тоа е еден од најголемите проблеми доколку се сака примена на овој метод во здравството, особено во лекувањето на луѓето.

Prof Dr. James Adjaye - Heinrich Heine Universität Düsseldorf
Проф. д-р Џејмс АџајеФотографија: Universitätsklinikum Düsseldorf

Во текот на експериментот научниците можеа да набљудуваат сѐ повеќе вакви несакани мутации. Но, во ембрионот тие мутации веќе не беа видливи. За нас е тоа знак дека ембрионот има и друг механизам за поправање. Ембрионот може многу подобро да го поправи оштетениот наследен материјал отколку што тоа го прави клетката на возрасен човек или матичната клетка. Тоа е големото значење и добрата вест во врска со ова откритие.

Ембрионот за ваков експеримент не смее да е многу развиен, туку само до стадиум на т.н. бластоциста. Дали е тоа доволно за да се оценува дали ембрионот е здрав?

Ако законот и нашата етика тоа ни го дозволуваа, тогаш ќе ги имплантиравме овие ембриони со јајце клетка и ќе набљудувавме што се случува. Се разбира, тоа не е дозволено. Не знаеме што потоа би се случувало. Знаеме само дека работите изгледале така како бластоцистата да се развива добро.

Мора да сме подготвени на тоа дека во иднина оваа техника ќе стане дел од човечката репродукција - корекција на болести и друго. Тоа некогаш ќе се случи. Сега сѐ уште не сме подготвени на тоа, но ова ја дава основата за натамошни истражувања.

Противниците на техниката предупредуваат дека во иднина родителите ќе бараат дизајнирање на своите деца. Како гледате на етичките задршки?

Се разбира, ова го отвора етичкото прашање: Смееме ли да го правиме ова? Треба ли да го правиме? Во Германија сигурно нема да се случи и не треба да се случи. Овде е илегално да се интервенира во редоследот на клетките, а во Германија дури и Ин витро фертилизацијата не е рутински зафат. Ако некој сака да се занимава со преимплантациона дијагностика, мора да ја напушти Германија и тоа да го прави на друго место. Притоа, не се работи за науката по себе, туку за етичките дилеми.

Проф. д-р Џејмс Аџаје предава на Катедрата за истражување матични клетки и регенеративна медицина на клиниката на универзитетот „Хајнрих Хајне“ во Диселдорф.