1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крах или корекција на берзите?

СН/ агенции
6 февруари 2018

Драматичен пад на курсот на Вол стрит, рекордни загуби на берзата во Токио, мрачни изгледи и за германскиот Дакс. Берзите ширум светот доживуваат тешки моменти. Но дали можеби станува збор само за прочистување?

https://p.dw.com/p/2sB0V
USA Börse in New York
Фотографија: picture alliance/AP Photo/R. Drew

Вредноста на основниот јапонски берзански индекс Никеи 225 денеска  падна за повеќе од 1000 поени. Тоа е најголема дневна загуба од 2016 година наваму. Никеи загуби повеќе од 7 проценти од вредноста само во текот на денов. Денеска и други азиски финансиски пазари претрпеа тешки загуби. Берзанскиот индекс во Хонгконг забележа минус од 4,9 проценти, додека во Шангај повеќе од три проценти. 

Ситуацијата утринава воопшто не изгледа подобро ниту во Европа. На отворањето на берзата во Франкфурт германскиот индекс на акции Дакс веднаш загуби 3,6 проценти од вредноста додека минусот во Лондон на почетокот на дневното тргување со акции изнесуваше 3,6 а во Париз 3,4 проценти.

Deutschland Börse Frankfurt am Main
Фотографија: Reuters

Сето ова се случува како последица на големата дневна загуба на вредноста на индексот Дау Џонс на берзата во Њујорк. Минусот на Волстрит во еден момент достигна цели 1600 поени. На крајот од тргувањето, индексот Дау Џонс имаше вредност од 24.346 поени односно минус од 4,7 проценти.

На финансиските пазари кружи стравот дека времињата на евтини пари завршија. Тие шпекулираат со тоа дека каматните стапки, посебно во САД, ќе растат многу побрзо од очекуваното. 

USA Börse in New York
Фотографија: Getty Images/AFP/B. R. Smith

„Она што се случи вчеравечер на Вол стрит може да се опише како крах“ , вели Томас Алтман од инвестициската компанија КјуСи Партнерс. „Многу инвеститори западнаа во паника. Сите сакаат да излезат низ иста врата“, истакнува Алтман.