1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Кои се мотивите на напаѓачот од Кичево?

28 септември 2017

Од МВР најавуваат детални информации за случајот во кој беа повредени носител на независна кандидатска листа во Кичево, и неговиот шеф на изборниот штаб.

https://p.dw.com/p/2kqVO
Vorbereitungen für Kommunalwahlen in Mazedonien ARCHIVBILD
Фотографија: DW

Мирно е утрово е во центарот на Кичево, велат жители на градот. Животот тече вообичаено, граѓаните одат на работа, пазаруваат, го пијат утринско кафе во штотуку отворените угостителски објекти. Но, не беше така синоќа, кога во 18:45 три лица беа повредени од истрели од огнено оружје на фреквентниот булевар „Слобода“. Еден од повредените е Алит Абази (1977), носител на независна советничка листа предложена од група избирачи во Кичево. По инцидентот тој во релативно стабилна состојба бил префрлен во Ургентниот центар на скопските клиники, и подложен на операција на повреди на абдоменот и р'бетот. Таму бил хоспитализиран и шефот на неговиот изборен штаб, Дестан Абдиу (1959), кој бил застрелан во бутот на десната нога. На третото лице, Шабан Далипи (1963), кој бил повреден во десната потколеница најверојатно од заскитан куршум, му била укажана помош во болницата во Кичево.

Според очевидци, кон Абази било пукано од другата страна на булеварот, по што напаѓачот веднаш избегал. Полицијата набрзо го привела напаѓачот, идентификуван како Абдула Абдулау (1959), исто така жител на градот, и го пронашла пиштолот од којшто тој истрелал неколку куршуми.

Symbolbild Illegale Exporte Waffenfirma Sig Sauer
Фотографија: imago/Christian Thiel

„Се слушнаа истрели, некои свикаа за помош, додека дотрчав, во такси возило внесуваа лице кое изгледаше повредено. Лоши работи. И полошо можело да биде. Наоколу минувачи, возила... Во тоа време и деца од школо се враќаат...“, вели жител кој живее во непосредна близина на местото на инцидентот.

Инцидентот се случил на стотина метри од полициската станица, во близина на Основниот суд во центарот на градот.

Според жителите, полицијата реагирала брзо. Нејзини екипи излегле на местото на инцидентот - дел прибирале докази, дел го обезбедувале поширокиот простор.

Засега не се познати мотивите на напаѓачот, но според првичните сознанија тие најверојатно не биле поврзани со изборната активност на носителот на независната кандидатска листа, туку со претходни нерасчистени меѓусебни недоразбирања, за кои наводно била започната и судска постапка.

Повредениот Абази е носител на единствената независна кандидатска листа за советници во Кичево.   

Во недостиг на официјални податоци за мотивите и околностите во кои се случил инцидентот, безбедносни, но и експерти кои го следат спроведувањето на стандардите на изборниот процес, не сакаат јавно да ги коментираат последиците од ваквите настани врз атмосферата во која тече изборната кампања. Но, неофицијално велат дека „дури и неполитички мотивирани инциденти, може индиректно да се рефлектираат врз однесувањето на гласачите“.

Mazedonien Mutter Teresa-Klinik in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Дури и официјално да се потврди дека инцидентот нема политичка, туку некаква 'приватна' позадина, вакви настани создаваат несигурност меѓу избирачите. Прв 'ефект' од вакви инциденти - е гласачите да бидат одвратени од намерата да присуствуваат на митинзи, собири или средби со кандидати за градоначалници, поради стравување дека сите тие потенцијално може да бидат во средиште на пресметки од различен карактер. Можеби во други општини тоа нема да биде изразено на видлив начин, но во Кичево сигурно, особено во наредните неколку дена, додека граѓаните сами не стекнат впечаток дека станува збор само за изолиран инцидент (ако така се потврди), и дека состојбата е стабилна и безбедна“, вели нашиот соговорник.

Од МВР најавуваат дека денеска ќе дадат детални информации за инцидентот и за сознанијата на полицијата. Се очекува и од скопската клиника да информираат за постоперативната состојба на двајцата повредени.