Жртви во заложничка драма во Франција
23 март 2018Киднаперот, како што пренесуваат медиумите, се наоѓа сам со еден полицаец во супермаркетот, каде претходно упаднал и почнал да пука околу себе. Градоначалникот на малото гратче Треб кај Каркасон во југозападна Франција, Ерик Менаси, изјавил дека останатите заложници се ослободени, а околу нивната состојба првично нема информации. Полициски извори велат дека има најмалку двајца загинати, а полицијата е во контакт со напаѓачот, кој наводно се декларирал како припадник на Исламска држава.
Според еден очевидец, во моментот на нападот врз супермаркетот, напаѓачот извикал „Алаху Акбар“ (Господ е голем), а бил вооружен со нож, огнено оружје и рачни гранати.
Кратко пред заложничката драма во Треб, во десетина километри оддалечениот град Каркасон од истрели бил ранет еден полицаец. Медиумските извештаи дека во прашање бил грабнувачот, не се потврдени од официјални места. Француското Министерство за внатрешни работи преку Твитер ги повика граѓаните да не се приближуваат на супермаркетот, а таму се наоѓаат специјални антитерористички единици.
Францускиот премиер Едуар Филипе изјави дека станува збор за сериозна ситуација и сѐ укажува на терористички чин.